• вторник, 07 јануари 2025

ЕУ го поздрави укинувањето на смртната казна во Зимбабве  

ЕУ го поздрави укинувањето на смртната казна во Зимбабве  

Брисел, 6 јануари 2025 (МИА) – Укинувањето на смртната казна во Зимбабве претставува историски чекор, со кој оваа африканска држава им се придружи на повеќето земји во светот кои ја елиминираа смртната казна, порача Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС). 

- Европската Унија го поздравува укинувањето на смртната казна во Зимбабве. Европската Унија го повикува Зимбабве да преземе понатамошни чекори за отстранување на одредбата која дозволува привремено повторно воведување на смртната казна за време на вонредна состојба, се наведува во соопштението. 

ЕУ воедно посочува дека смртната казна е некомпатибилна со неотуѓивото право на живот и е сурова и нехумана санкција, што претставува неприфатливо негирање на човечкото достоинство и интегритет, при што потенцира дека нема „убедливи докази“ кои покажуваат оти таа придонесува за намалување на криминалот. 

- Европската Унија силно се спротивставува на смртната казна во сите случаи и сите околности и ќе продолжи да работи на нејзино укинување во преостанатите земји каде што таа се уште е во сила, се додава во соопштението на ЕЕАС.  

Инаку, иако дури сега официјално ја укина смртната казна, Зимбабве 20 година одржуваше мораториум на нејзино спроведување, имајќи предвид дека последното погубување беше извршено во 2005 година. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан