• сабота, 23 ноември 2024

„Еуромакс ресоурсис“: Последно предупредување пред арбитража за рудникот за бакар и злато „Иловица – Штука“

„Еуромакс ресоурсис“: Последно предупредување пред арбитража за рудникот за бакар и злато „Иловица – Штука“

Скопје, 19 април 2024 (МИА) – Компанијата „Еуромакс ресоурсис“ предупредува на арбитража за рудникот за бакар и злато „Иловица – Штука“, доколку Владата не дозволи спојување на концесиите „Иловица 6“ и „Иловица 11“.

На денешната прес-конференција, на која присуствуваа претседавачот на Бордот на директори и главен извршен директор на „Еуромакс ресоурсис“, Тимоти Морган – Вин и правниот застапник на компанијата, адвокатот Габриел Лански, беше посочено дека „третманот на проектот од страна на властите е скандалозен и затоа компанијата издава последно предупредување пред арбитража“.

Посочуваат дека проектот е заробен во мрежа од правни и административни пречки, затоа што, според нив, Владата носи произволни одлуки и постојано го попречува напредокот.

Главниот извршен директор на „Еуромакс ресоурсис“, Морган – Вин, рече дека компанијата не може повеќе да одолговлекува чекајќи политички одлуки. Вели доколку политичарите донесат одлука спротивна на законот и кажат „не“ за рудникот за бакар и злато „Иловица – Штука“, ќе има правен епилог кој нема да биде поволен за граѓаните и државата.

– Нашето трпение е при крај. Не можеме повеќе да одолговлекуваме чекајќи политички одлуки. Ако политиката спротивно на законот каже „не“ за нов и модерен рудник за бакар, има правен епилог кој нема да биде поволен за државата, а за жал и нејзините граѓани. Меѓународната арбитража не е одлука која ја преземаме лесно. Тоа има значителна цена и во однос на ресурсите и угледот на нашата компабнија и на земјата. Сепак, во услови на континуирано малтретирање и флагрантно непочитување на владеењето на правото, тоа е чекор што сме подготвени да го преземеме за да ги заштитите нашите и интересите на нашите инвеститори, рече Морган – Вин.

Адвокатот Лански рече дека компанијата има доставено формално известување за спор до Владата во март 2020 година, со намера да влезат во меѓусебни консултации за решавање на спорот.

– Повеќе од очигледно е дека Владата а Северна Македонија не ги исполни обврските да се консултира и соодветно да преговара со член 10 (1) од Договорот Швајцарија – Северна Македонија и со тешко срце сега размислуваме да го пренесеме нашиот случај пред меѓународната арбитража. Оваа одлука доаѓа по исцрпните напори за решавање на нашите спорови во локалната рамка, а сето тоа доведе до овој ќорсокак каде финансиските последици би можеле да бидат страшни за и онака кревката економија на Северна Македонија, вели Лански.

Ваквите постапки од страна на надлежните, наведе дека се случуваат во време кога земјава е во процес на обид да влезе во Европската унија и праша „дали оваа средина на правна непредвидливост ќе се прошири и на други инвеститори или се работи единствено за Еуромакс ресоурсис“.

– Ресурсот што сакаме да го развиеме е национално богатство неминовно ќе треба да го искористиме, ако не ние тогаш некој друг. Изборите направени денес ќе резонираат надвор од нашиот проект, обликувајќи го економскиот пејзаж на земјата и нејзината меѓународна репутација во годините што доаѓаат, вели Лански.

Од „Еуромакс ресоурсис“ ги повикуават надлежните, како што велат, да ги исполнат своите законски обврски и да го почитуваат владеењето на правото.

Во декември минатата година компанијата упати писмо до Министерството за животна средина и просторно планирање во кое побараа надлежните да го разгледаат и да одговорат на барањето за спојувањето на концесиите „Иловица 6“ и „Иловица 11“. Во писмото тие најавија дека во рудникот „Иловица – Штука“ нема да се користи цијанид ниту било каква цијанидна супстанца во постапката за експлоатација, дека планираат да направат суво јаловиште за одложување на јаловината со најсовремени технологии кое нема да ги загрозува подземните води, како и дека ќе направат нов водоводен систем за локалното население и нов цевковод од акумулацијата „Турија“ за да немаат проблем со водоснабдувањето во топлите денови. ра/лв/

Фото: МИА

 

Остани поврзан