• петок, 19 јули 2024

Еуримаж со финансиска поддршка за „Скејтбордингот не е за девојчиња“

Еуримаж со финансиска поддршка за „Скејтбордингот не е за девојчиња“

Скопје, 27 ноември 2023 (МИА) - Паневропскиот филмски фонд „Еуримаж“ за време на 170-та сесија која е последна оваа година, го поддржа филмскиот проект на режисерката Дина Дума „Скејтбордингот не е за девојчиња“ со износ од 350.000 евра.

-Оваа година македонската кинематографија финансиски е поддржана и на последната 170-та сесија. Третиот македонски проект кој годинава доби средства е „Скејтбордингот не е за девојчиња“ во режија на Дина Дума. Ова е копродукција меѓу македонскиот продуцент „Сестри и брат Митевски“, „Ентре Чиен Луп Сцрл“ од Белгија и „Вертиго / Терминал 3“ од Словенија, изјави нашиот национален претставник во Еуримаж, Тања Ќурчинска Пепељугоска.

Таа додаде и дека бројот на пријавени копродукциски проекти во секоја сесија сѐ повеќе се зголемува, па така и оваа сесија повторно ќе се памети со 111 пријавени проекти од кои 99 беа оценувани.

-Во ваква конкуренција проектот „Скејтбордингот не е за девојчиња“ беше оценет одлично и рангиран е на високо трето место на ранг листата во својата група. Коментарите за проектот беа позитивни и оптимистички: „...млада и талентирана режисерка која треба да се поддржи; сценариото е интересно, внесува модерни елементи во една конзервативна заедница на Ромите на Балканот; сериозен продуцентски тим, додаде Ќурчинска Пепељугоска.

 Во ноемвриската сесија од вкупно оценувани 99 проекти, само 29 добија финансиска поддршка од Еуримаж.

Северна Македонија е членка на Еуримаж од 2003 година и ова е јубилејна 20 годишнина од нашето членство во овој пан-европски фонд. Јубилејната година ја завршуваат со вкупно 775.000 евра доделени на „ДиЏеј Ахмет“ на Георги Унковски на 168-та сесија, „Човек против јато“ на Тамара Котевска на 169-та сесија и „Скејтбордингот не е за девојчиња“ на Дина Дума на 170-та сесија.

-Очекувам дека за 2-2,5 години ќе имаме можност да ги видиме овие филмови на големото платно особено поради фактот што странските копродуцентски партнери се обезбедени, а со тоа и финансирањето од нивните националните фондови. Се надевам дека и нашата Агенција за филм ќе стори напор да не се повтори оваа година во која првите 10 месеци немавме ниту еден снимачки ден и дека нашата продукција ќе биде многу поинтензивна следната година“, посочи Ќурчинска Пепељугоска.

Европскиот фонд за копродукција и дистрибуција на креативни кинематографски и аудиовизуелни дела – Еуримаж од своето основање во 1989 година до денес поддржал 2.438 копродукциски проекти со вкупен буџет од околу 710 милиони евра.бт/са/

 

Остани поврзан