• петок, 22 ноември 2024

Остануваат уште 15 дена за аплицирање за отворање бесплатни е-продавници

Остануваат уште 15 дена за аплицирање за отворање бесплатни е-продавници

Скопје, 28 февруари 2023 (МИА) - На 15 март завршува рокот за аплицирање на јавниот повик наречен „Е-трговија: Супермоќ за локалните бизниси“ за поддршка за бесплатно отворање на 15 нови е-продавници од страна на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија - АЕТМ  во партнерство со компанијата VISA. 

На денешната презентација на јавниот повик, претседателката на Асоцијацијата Нина Ангеловска истакна дека е-трговијата не е избор, туку неопходност. 

-Она што овој повик ќе го овозможи не е само отворање на продавница. Многу е различно да отворите продавница во мол каде што ќе добиете некоја природна фрекфенција на народ, но ако отворите онлајн продавница тука никој сам нема да дојде специјално освен ако не ја маркетирате и не ја промовирате добро. Токму затоа така е скроен повикот да поддржи 15 компании кои ќе отворат свои компании во рамки на маркетплејс за промоција и дополнително истакнување и промовирање на нивните брендови, компании, производи и услуги, рече Ангеловска. 

Таа посочи дека за мали и средни компании особено за мали компании се потешко станува и предизвик број еден е наоѓање на соодветен кадар, доедукација и компетенции и оти затоа е одбрана солуцијата со маркетплејс. 

Игор Цуцуловски, бизнис девелопмнет менаџер во VISA за ЈИЕ, истакна дека проектот е комплетен: прво отворање на е -продавница, второ стекнување на дигитални вештини за водење на тој канал и трето дигитален маркетинг. 

-Сето тоа е добар старт за една компанија да биде заинтересирана да влезе во таква приказна, да го види тој канал на комуникација како една можност плус за развој. На малите и средните претпријатија им треба една помош за да можат да ги препознаат работите што ќе допринесат во развојот на нивниот бизнис, истакна Цуцулоски. 

Претставникот на VISA во Северна Македонија во својата презентација посочи дека онлајн продажбата и дигитализацијата е зголемена во периодот на Ковид пандемијата. Според анализата, кај нас од првични илјада е-продавници во 2019 година, а на крајот на 2022 година има околу 2.000 трговци, што значи дека за три години имаме пораст над 60 проценти. 

Цуцулоски посочува дека она што е следно е дека кога ќе се развијат е-трговиите дека правилно треба да се развијат и повеќе сегменти, како „паричниците“ (walet). 

-Многу е важно да се развијат и технологиите во Македонија и за брзо време ќе има и гугл пеј (Google Pay) и во догледно време и Apple Pay и во догледно време ќе се зголеми плејадата и технологијата на плаќањата, вели, меѓу другото, Цуцулоски. Додава дека исто така тука мора да се спомене и Cloud солуцијата и безбедносните аспекти на трансакциите. 

Јавниот повик наречен „Е-трговија: Супермоќ за локалните бизниси“ е отворен за сите микро, мали и средни компании, кои сè уште не ги продаваат своите производи или услуги онлајн, а имаат потреба од отворање на е-продавница и од зголемување на знаењата и вештините поврзани со е-трговија.

Преку јавниот повик ќе се доделуваат вредносни пакети од 1.000 евра за отворање на дополнителен продажен канал – е-продавница во рамки на постоечка маркетплејс платформ и нејзина маркетинг промоција и ќе се обучуваат бизнисите за зајакнување на вештините поврзани со е-трговија и дигитален маркетинг. Маркетплејс платформи каде може да бидат отворени е-продавниците се paket, grouper, kliknijadi, korpa, marketkonekt.com, paopao и myfitkit. 

Идејата е да им се помогне на компаниите да отворат дополнителен продажен канал – е-продавница со цел добивање на нови клиенти и зголемени продажби, како и да им помогне за унапредување на работата, преку зајакнување на нивните дигитални вештини, кои ќе им помогнат подобро да се претстават во јавноста и да ги реализираат своите бизнис цели.

Проектот ќе трае до крајот на мај годинава, а ќе се состои од поврзување на бизнисите со домашните маркетплејс платформи и отворање на нивна е-продавница во рамки на една од платформите која бизнисите сами ќе ја изберат. Одбраните кандидати ќе имаат можност да присуствуваат и на практичен едукативен семинар за е-трговија „Сѐ за е-трговија“, кој ќе се одвива со физичко присуство. Ќе бидат поддржани 15 компании  за отворање и промовирањe на нивната е-продавница, а едукативниот семинар ќе можат да го посетат по најмногу двајца претставници од секоја компанија. По завршување на програмата сите учесници ќе добијат сертификати за учество. 

Марија Ристовска проектен менаџер во АЕТМ истакна дека апликациите ќе бидат разгледувани од трочлена комисија по однапред утврдени критериуми. Дополнителна поддршка ќе добијат жените претприемачи и апликантите под 29 години. ев/бак/

 
 

 

 

Остани поврзан