• петок, 05 декември 2025

Естонија протера руски дипломат поради прекршување санкции и други кривични дела

Естонија протера руски дипломат поради прекршување санкции и други кривични дела

Талин, 13 август 2025 (МИА) – Естонија денеска протера руски дипломат, тврдејќи дека тој бил вклучен во активности насочени кон поткопување на уставниот поредок, правниот систем и социјалната кохезија на земјата.

Министерството за надворешни работи на Естонија соопшти дека го повикало в.д. началник на руската амбасада во Талин за да му предаде дипломатска нота со која првиот секретар на амбасадата е прогласен за персона нон грата. Според естонскиот јавен сервис ERR, дипломатот е должен да ја напушти Естонија.

Министерството нагласи дека Естонија „нема да толерира руски активности против нашиот уставен поредок и внатрешна стабилност“ и оцени дека е неопходно да ја пренесе оваа позиција „многу јасно“. Талин, исто така, ќе ги информира своите партнери и сојузници за случајот.

Министерот за надворешни работи, Маргус Цахкна, изјави дека протераниот дипломат „директно и активно учествувал во поткопувањето на уставниот поредок и правниот систем на Естонија, како и во делбата на естонското општество“. Тој го обвини дипломатот дека придонел за кривични дела против државата, вклучувајќи прекршувања поврзани со санкции.

Тој додаде дека „постојаното мешање на руската амбасада во внатрешните работи на Република Естонија мора да престане, и со протерувањето на дипломатот, ние демонстрираме дека Естонија нема да дозволи акции оркестрирани и организирани од странска држава на нејзина територија“. ссм/

фото: архива

Остани поврзан