• вторник, 26 ноември 2024

Ескобар: Бугарија уверува дека нема да додаде повеќе услови за Северна Македонија

Ескобар: Бугарија уверува дека нема да додаде повеќе услови за Северна Македонија

Скопје, 4 ноември 2023 (МИА) - Бугарија нема да даде нови услови за целосна интеграција на Северна Македонија во Европската унија, уверува заменик-помошникот државен секретар на САД задолжен за Западен Балкан, Габриел Ескобар.

Тој во телефонско интервју за Гласот на Америка на македонски, рече дека бугарските колеги го увериле оти немаат намера да додадат повеќе услови за Северна Македонија на патот кон ЕУ и нагласи дека не се работи за гаранции, туку само за уверување од Бугарија оти сакала да го види регионот да се движи напред на европскиот пат.

-Имав разговори со моите бугарски колеги и тие ме уверија дека немаат намера да додадат повеќе услови. Тие би сакале да видат напредок на патоказот што веќе е таму. И сакаме да бидеме сигурни дека можеме да работиме со сите страни за да осигураме дека тие услови се исполнети. Но, тоа треба да биде, да остане засновано на факти и вкоренето во постоечките обврски, за да осигураме дека Северна Македонија ќе може да се движи напред во пристапниот процес, вели Ескобар во интервјуто.

На прашањето на Гласот на Америка - Значи нема да има ново вето ако другите услови се исполнат? Ескобар рече „Јас тоа така го протолкував“.

На прашањето дали САД се загрижени ако уставните измени бидат изгласани на сметка на поткопување на владеење на правото и правдата, со оглед на тоа што некои медиумски извештаи сугерираа оти намалувањето на затворските казни за функционерите било направено со цел да се обезбедат гласови за уставните измени, Ескобар рече дека нема да шпекулира за тоа што се случува на внатрешен план. 

-Тоа е на луѓето на Северна Македонија да го одлучат. Сакам да бидам многу јасен дека нашиот став е дека секоја земја што влегува во Европската Унија е попросперитетна, подемократска и постабилна, поради посветеноста на вредностите и посветеноста на владеењето на правото. А оние реформи што се потребни за членство во ЕУ треба да се одржат, тие треба да бидат целта кон која се стреми Северна Македонија, а не за домашна политичка добивка на која било од страните. Ние ќе продолжиме да стоиме покрај оние луѓе кои сакаат реформи и кои сакаат да ги исполнат европските барања, посочи Ескобар.

Тој, исто така, рече дека нема информации за можни преговори и пазарење за уставните измени меѓу владата и избеганиот поранешен премиер Никола Груевски, како што изјави лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски за германскиот весник ФАЦ.

-Немам никакви информации за тоа. Ќе кажам дека е важно за Северна Македонија како што оди напред да не прави компромиси за нејзините идеали, да не прави компромиси за напредокот што го направи со владеење на правото, но, за конкретни случаи немам никакви информации. Само ќе кажам уште еднаш, дека владеењето на правото и напредокот што го направи Северна Македонија се навистина важни да се одржат додека се движи напред во Европа, затоа што членството во Европската Унија навистина е за стандарди и вредности и посветеност на владеењето на правото, потенцира Ескобар.

Според него, предизвиците со владеење на правото и корупцијата се веројатно најголемиот проблем на Западен Балкан.

-Затоа, ние постојано ги охрабруваме владите да направат повеќе за да поттикнат исполнување на реформите и ги охрабруваме лидерите и во парламентите, и во владите, да покажат конкретни резултати во борбата против корупцијата и зајакнување на институциите, кои се основата на владеење на правото, рече Ескобар.

Истакна дека санкциите на САД против корумпираните актери се многу ефективни и може да се очекуваат повеќе.

На прашањето дали САД имаат партнери во земјава за заедничка борба против корупцијата, со оглед на тоа што лица што се на црна листа на САД дома добија намалени казни и рокови за застарување на кривични дела, рече дека санкциите се исклучително ефикасни.

-Санкциите се исклучително ефикасни, поради што сите се плашат од нив и затоа се важна алатка за американската влада во помагањето во борбата против корупцијата. Значи, со или без партнери во регионот, санкциите ќе продолжат и тие ќе направат разлика. Можам да ви кажам дека во целиот регион имаме партнери кои се подготвени да работат со нас за да ги унапредиме целите за борбата против корупцијата и подобрување на примената на владеењето на правото, истакна Ескобар.

Тој додаде дека Северна Македонија и остатокот од регионот „знаат дека таа борба против корупцијата, тоа зацврстување на владеење на правото треба да продолжи. 

-Мислам дека во некои земји движењето е премногу бавно. Но, ние сакаме да соработуваме со тие земји за да го подобриме. И тоа ја вклучува и Северна Македонија. Мораме да бидеме многу јасни дека ова е проблем што го засега целиот регион, а не само една или две земји, посочи Ескобар.

САД минатиот месец изјавија дека корупцијата има потенцијал да ги поткопа стратешките амбиции на Северна Македонија.

-Ја охрабруваме Северна Македонија да ги исполни нејзините ветувања за борба против корупцијата. Лидерите на Северна Македонија мора да покажат силни, опипливи, антикорупциски резултати преку зајакнување на институционалната независност и спречување на политичкото мешање, особено во судството, што е од суштинско значење за исполнување на целите за пристапување во ЕУ и градење доверба на граѓаните во владата, изјавија тогаш од прес-службата на Стејт департментот за Гласот на Америка на македонски, на прашањето дали новите измени во Кривичниот законик со кои се намалуваат казните за злоупотреба на функцијата и за злосторничко криминално здружување ќе ги отежнат напорите на САД да помогнат во борбата против корупцијата во државата.вј/

Фото: Глас на Америка на македонски јазик

 

Остани поврзан