ЕРТ: Во првата половина на февруари Високиот совет за соработка меѓу Грција и Турција
- Во следниот период, односно до 16 февруари се очекува во Анкара да се одржи Високиот совет за соработка меѓу Грција и Турција, што во текот на минатата година континуирано се одложуваше, брифирал висок дипломатски извор за грчката државна телевизија ЕРТ, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 30 јануари 2026 (МИА) – Во следниот период, односно до 16 февруари се очекува во Анкара да се одржи Високиот совет за соработка меѓу Грција и Турција, што во текот на минатата година континуирано се одложуваше, брифирал висок дипломатски извор за грчката државна телевизија ЕРТ, јави дописничката на МИА од Атина.
Во рамките на Високиот совет за соработка билатерална средба ќе одржат грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Според истиот извор на ЕРТ се очекува Високиот совет за соработка „со голема веројатност“ да се состане до средината на февруари, бидејќи тогаш започнува Рамазан, а состанок е од особено значење, бидејќи „одржувањето отворени канали за комуникација се смета за апсолутно неопходно за да се избегнат кризи и да се обезбеди смиреност во грчко-турските односи“.
- Атина и Анкара го делат ставот дека прашањата што ги засегаат двете земји треба да се разгледуваат на билатерално ниво, посочил изворот за ЕРТ и нагласил дека „лесно може да се замисли каква ќе беше состојбата доколку, во оваа средина на глобална неизвесност, грчко-турските односи беа нарушени“.
Во однос на очекувањата на грчката страна, високиот дипломатски извор рекол дека Атина очекува конструктивна дискусија, појаснувајќи, сепак, дека „сè уште не постојат услови за големиот чекор“, односно Грција и Турција не се во можност да започнат суштински разговори за континенталниот гребен и Ексклузивната економска зона.
Агендата на Високиот совет за соработка, според истиот извор, ќе се формира врз основа на позитивната агенда и политичкиот дијалог меѓу Атина и Анкара.
Последните состаноци за позитивната агенда и политичкиот дијалог меѓу двете земји се одржаа пред десет дена во Атина.
Последниот состанок на Високиот совет за соработка меѓу двете земји се одржа во декември 2023 година во Атина. ср/јт/
Фото: Архива МИА