• недела, 22 декември 2024

Ереван: Баку ја откажа средбата меѓу Пашинјан и Алиев

Ереван: Баку ја откажа средбата меѓу Пашинјан и Алиев

Ереван, 25 октомври 2023 (МИА) - Баку ја откажа средбата на ерменскиот премиер Никол Пашинјан со азербејџанскиот претседател Илхам Алиев, која првично беше закажана за крајот на месецот во Брисел, објавија британските медиуми. 

Информацијата ја откри ерменскиот министер за надворешни работи Арарат Мирзојан на заедничката прес-конференција со неговата канадска колешка Мелани Џоли, која е во посета на Ереван.

-Одговорот на вашето прашање е многу директен и краток. Прашавте кој не најде време. Очигледно, тоа е претседателот на Азербејџан. Се надевам дека проблемот навистина е поврзан со временските услови. Ерменија е подготвена да учествува на овој состанок, рече Мирзојан одговарајќи на новинарско прашање. 

Во понеделникот, Мирзојан се состана со неговиот азербејџански колега Џејхун Бајрамов во Иран. Тоа беше прва средба меѓу двајцата откако Баку ја врати контролата врз Нагорно-Карабах.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, кој присуствуваше на разговорите во иранската престолнина заедно со неговите колеги од Иран и Турција, Хосеин Амирабдолахиан и Хакан Фидан, изјави дека главно се разговарало за прашањето за понатамошна работа за склучување мировен договор.

Во последните недели, двете земји изразија желба да потпишат договор за ставање крај на долгогодишниот спор околу сепаратистичкиот регион Нагорно-Карабах, врз кој Азербејџан ја врати контролата минатиот месец со молскавична воена операција. Овој потег принуди повеќе од 120 илјади етнички Ерменци кои ја населуваа областа да ја напуштат. мс/

фото: МИА архива

 

Остани поврзан