• недела, 22 декември 2024

Ердоган и натаму се надева на помирување со сирискиот претседател Асад

Ердоган и натаму се надева на помирување со сирискиот претседател Асад

Анкара, 13 ноември 2024 (МИА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека и натаму се надева на можно помирување со сирискиот претседател Башар ал Асад за да се стави крај на децениската тензија меѓу двете соседни земји, јавија американските медиуми. 

Говорејќи пред новинарите по неговото патување во Саудиска Арабија и Азербејџан, Ердоган рече дека нормализацијата на односите ќе помогне да се стабилизира Сирија и да се заштити нејзиниот „територијален интегритет“. 

-Се уште имам надеж за Асад. Се уште имам надеж дека можеме да се здружиме и да ги вратиме односите меѓу Сирија и Турција на вистинскиот пат, рече турскиот претседател. 

Односите меѓу Анкара и Дамаск се затегнати од избувнувањето на сириската граѓанска војна, во 2011 година, кога Турција ги поддржа бунтовничките групи кои се обидоа да го соборат Асад, а Сирија ја обвини Турција за поттикнување нестабилност.

Турција неодамна побара помирување со Сирија за да одговори на безбедносните закани од групите поврзани со курдските милитанти долж нејзината јужна граница и да помогне да се обезбеди безбедно враќање на сириските бегалци. 

Русија, која е меѓу најсилните сојузници на владата на Асад и има блиски врски со Турција, се залага двете земји да се вратат на дипломатските односи.сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан