ЕП: Повелбата на ОН е камен-темелник на глобалниот мир, правдата и човековите права
- Повелбата на Обединетите нации е жив доказ за тоа што може да постигне човештвото кога избира соработка наместо поделба. На овој значаен датум, повторно ја потврдуваме непоколебливата посветеност на Европскиот парламент на принципите и вредностите содржани во овој основен документ: демократијата, мирот и безбедноста, мултилатерализмот, солидарноста, човековите права и владеењето на правото, се вели во изјавата.
Брисел, 26 јуни 2025 - Денеска кога се одбележува 80-годишнината од потпишувањето на Повелбата на ОН, која е камен-темелник на глобалниот мир, правдата и човековите права, таа станува попотребна од кога било досега, се наведува во заедничката изјава на претседателите на комитетите за надворешни работи, за развој и за безбедност и одбрана и на Поткомитетот за човекови права на Европскиот парламент по повод годишнината на Повелбата.
- Повелбата на Обединетите нации е жив доказ за тоа што може да постигне човештвото кога избира соработка наместо поделба. На овој значаен датум, повторно ја потврдуваме непоколебливата посветеност на Европскиот парламент на принципите и вредностите содржани во овој основен документ: демократијата, мирот и безбедноста, мултилатерализмот, солидарноста, човековите права и владеењето на правото, се вели во изјавата.
Во неа натаму се наведува дека Повелбата на ОН е основа на меѓународните односи, промовирајќи мир, безбедност и соработка меѓу народите и инспирирајќи генерации да работат кон поправеден и порамноправен свет.
- ОН спречија конфликти од големи размери, заштитија ранливи популации и ги унапредија универзалните човекови права. Од Универзалната декларација за човекови права до Целите за одржлив развој, повеќекратните договори за разоружување, мировните мисии, агендата „Жени, мир и безбедност“, заштитата на цивилите и Парискиот договор за климатските промени, ОН обезбедија рамка за соработка што извлече милиони луѓе од сиромаштија, го зачува мирот и го заштити достоинството и квалитетот на животот на сите луѓе, се потенцира во изјавата.
Првите луѓе на парламентарните комитети нагласуваат дека денес светот се соочува со невидени предизвици, од ерозијата на човековите права и демократските вредности, нееднаквоста, климатските промени, па до конфликти од сите видови, кои го загрозуваат постигнатиот напредок.
- Овие предизвици бараат и обновено единство. Само преку мултилатерална соработка имаме шанса да ги надминеме тие предизвици. Затоа, остануваме убедени дека ОН продолжуваат да бидат неопходен инструмент за решавање на сложените и меѓусебно поврзани проблеми на нашето време. Додека гледаме кон иднината, ја препознаваме потребата ОН да се развиваат, да се справуваат со системските проблеми и да се прилагодуваат на новите реалности. ОН мора да станат поинклузивни, поефикасни, транспарентни и поодговорни, осигурувајќи дека гласовите и загриженоста на сите земји и народи се слушнати и земени предвид. Веруваме дека ЕУ треба да игра водечка улога во зајакнувањето на дијалогот, соработката и партнерствата. Врз наследството на ОН за да се справиме со денешните предизвици со храброст и иновативност, се додава во изјавата по повод 80-годишнината од потпишувањето на Повелбата на ОН.
Повелбата на ОН е потпишана на 26 јуни 1945 година во Сан Франциско, а стапува на сила на 24 октомври истата година. сп/
Фото: МИА Архива