• сабота, 21 декември 2024

ЕП: Координативниот совет е привремен претставник на народот во Белорусија

ЕП: Координативниот совет е привремен претставник на народот во Белорусија
Брисел, 17 септември 2020 (МИА) - Европскиот Парламент денеска усвои резолуција за Белорусија, во која се наведува дека таканаречениот опозициски Координативен совет е „привремен претставник на народот“ во таа земја. Резолуциите на ЕП не се обврзувачки, но имаат сила на препорака. Како што се наведува во документот, ЕП „го поздравува Координативниот совет како привремен претставник на народот кој бара демократски промени во Белорусија“. Во тој поглед, како што се додава, се повторува повикот на „белорускиот народ за организирање нови, слободни и фер избори што е можно поскоро, под меѓународен надзор“, предводени од Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права во согласност со меѓународно признати стандарди. Со Резолуцијата се повикуваат Европската комисија, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност и Европскиот совет да обезбедат помош на „белоруската демократска опозиција, вклучувајќи го и Координативниот совет предводен од Светлана Тихановскаја“. Масовните протести на опозицијата во Белорусија започнаа на 9 август, по претседателските избори, на кои Александар Лукашенко прогласи победа со 80,1 процент од гласовите. Опозицијата не ги призна резултатите од изборите и смета дека победи Тихановскаја, која официјално освои 10,12 проценти од гласовите. паг/

Остани поврзан