• петок, 22 ноември 2024

„Епл“ прогласен за „вратар“ согласно Законот за дигитални пазари на ЕУ и во однос на „ајПадОС“ 

„Епл“ прогласен за „вратар“ согласно Законот за дигитални пазари на ЕУ и во однос на „ајПадОС“ 

Брисел, 30 април 2024 (МИА) - Европската комисија врз основа на Законот за дигитални пазари (ДМА) го прогласи „Епл“ за „вратар“ и во однос на оперативниот систем за таблети „ајПадОС“, по што сега компанијата има рок од шест месеци да обезбеди целосна усогласеност со законските обврски. 

На 5 септември минатата година „Епл“ го доби звањето „вратар“ и за неговиот оперативен систем „ајОС“, прелистувачот „Сафари“ и продавница за апликации „Еп Сторе“. Истиот ден, Еврокомисијата започна и пазарна истрага со цел да утврди дали „ајПадОС“ претставува „важна пората преку која деловните корисници можат да стигнат до крајните корисници“, иако беше утврдено дека системот не ги исполнува квантитативните прагови утврдени со ДМА за да биде назначен за „вратар“. 

Речиси осуммесечната истрага на ЕК утврди дека „ајПадОС“ ги исполнува условите да биде „вратар“ бидејќи бројот на негови деловни единаесеткратно го надмина квантитативниот праг, додека бројот на крајни корисници е близу до прагот и се предвидува дека ќе го надмине во блиска иднина. 

Дополнително е утврдено дека широката палета на понуди на екосистемот на „Епл“, пред се неговата голема и комерцијално привлечна база и важност за одредени случаи, како што се апликациите за игри, ги стимулира крајните корисници да останат на „ајПадОС“ и да не се префрлуваат на други оперативни системи за таблети. 

Врз основа на ваквите наоди од истрагата, ЕК заклучи дека „ајПадОС“ претставува „важна порта за деловните корисници да стигнат до крајните корисници“ и дека „Епл“ ужива доверба во однос на системот, па го прогласи за „вратар“ согласно ДМА и за овој оперативен систем. 

Законот за дигитални пазари има за цел да обезбеди конкурентен и фер пазар во дигиталниот сектор и да ги регулира обврските на „вратарите“ со цел да се спречи да ја злоупотребат својата пазарна позиција како важна врска меѓу деловните корисници и потрошувачите и да создадат „тесно грло“ во дигиталната економија. 

Покрај „Епл“, на 5 септември 2023 година, Еврокомисијата за „вратари“ согласно ДМА ги прогласи и „Алфабет“, „Амазон“, „БајтДенс“, „Мета“ и „Мајкрософт“ во врска со вкупно 22 нивни услуги. Согласно Законот, тие требаше да се усогласат со неговите одредби најдоцна 7 март 2024 година.  

На 25 минатиот минатиот месец, Еврокомисијата отвори истрага за неусогласеност со правилата на ДМА против „Алфабет“ во однос на начинот на менаџирање на „Гигл Плеј“ и самопреферирањето на „Гугл Срч“, против „Apple“ за менаџирањето на „Еп Стор“ и за почетниот екран на „Сафари“, како и против „Мета“ во врска на „моделот на плаќање или давањето согласност“. 

Дополнително, Комисијата на 1 март доби известувања дека и услуги на „Букинг“, на „Икс“, како и дополнителни на „БајтДенс“ потенцијално ги исполнуваат условите за добивање на статусот на „вратар“ согласно ДМА, по што најдоцна до 13 мај треба да се произнесе по добиените сознанија. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан