• петок, 22 ноември 2024

Енрико Лета: Мора да се запре одливот на мозоци од посиромашните земји на ЕУ 

Енрико Лета: Мора да се запре одливот на мозоци од посиромашните земји на ЕУ 

Брисел, 4 јануари 2024 (МИА) – Европската Унија мора да ги промени своите правила за државно субвенционирање, но и да преземе мерките за запирање на одливот на мозоци и стручни кадри од посиромашните кон побогатите земји на ЕУ или кон трети држави, смета поранешниот италијанските премиер и актуелен претседател на Институтот „Жак Делор“, Енрико Лета. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Лета лани во септември беше назначен од страна на ЕУ да подготви извештај за состојбата на единствениот пазар на Унијата и најдоцна до март да го презентира пред лидерите на земјите членки на блокот. 

Лета во интервју за „Политико“ посочува дека во својот извештај ќе се обиде на лидерите да им предложи „поглед на единствениот пазар на поинаков начин“ и со тоа да иницира дијалог за економијата на ЕУ во пресрет на европските избори во јуни годинава. 

Според Лета, на единствениот европски пазар не може да се гледа само како на можност за слободно движење на стоки, услуги, капитал и луѓе во рамките на ЕУ, туку и да се најде начин висококвалификуваните работници да се задржат во своите земји, наместо да емигрираат во посилните економии, како Франција и Германија. 

- Досега го имавме единствениот пазар како слобода на движење. Тоа беше центарот на се. Но, би сакал да ја додадам и слободата да останам (дома), изјави Лета. 

Тој потенцира дека од одливот на мозоци особено се погодени земји како Романија, Полска, Италија и Португалија. 

Според него, исто така е потребна и реформа на правилата за доделување на државна помош, со цел да се гарантира дека владите со своите субвенции нема да фаворизираат одредени фирми, со што би се нарушила конкурентноста на пазарот. 

Лета потсетува дека за време на ковид пандемијата и енергетската криза, ЕУ ги „олабави“ правилата за државно субвенционирање со цел да им помогне на домашните бизниси, но тоа предизвика реакции од помалите земји во блокот кои сметаат дека најмногу полза од овие промени имаат компаниите во помоќните економии, како што е германската. 

- Државната помош е исклучок и таа мора да остане таква. Ни треба европска индустриска политика, а не национална фрагментација, смета Лета, додавајќи дека државните субвенции беа потребни во услови на „период на серија од кризи“, но клучно е да се сфати дека таквите мерки треба да бидат исклучок, а не правило. 

Според податоците на Европската комисија, за време на ковид пандемијата и кризите иницирани од руската агресија врз Украина, во рамките на ЕУ е одобрена државна помош во износ од 760 милијарди евра. Од вкупната сума, дури 47,2 отсто од државната поддршка отпаѓа на Германија, 22,6 на Франција и 7,7 проценти на Италија, со што трите економски најмоќни земји во Унијата на своите бизниси им доделиле речиси четири петтини од вкупните субвенции во блокот.  

- Тоа е навистина огромен показател дека политиката за државна помош мора да биде во суштината на дебатата на европско ниво, вели Лета во интервјуто. 

На прашање кои се главните карактеристики на наодите во неговиот извештај, Лета одговара дека тие сознанија би сакал прво да ги сподели со лидерите на ЕУ.

- Не сакам да го расипам она што ќе го наведам во мојот извештај, додава Лета. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан