• сабота, 23 ноември 2024

„Ел Конфинденциал“ поради текстовите против сопругата на Санчез трпи притисоци од високи функционери на шпанската Влада

„Ел Конфинденциал“ поради текстовите против сопругата на Санчез трпи притисоци од високи функционери на шпанската Влада

Мадрид, 29 април 2024 (МИА) – Високи функционери на шпанската Влада му се закануваат на „Ел Конфинденциал“ (El Confidencial), врз чии текстови е покрната судска истрага против сопругата на премиерот на Шпанија, Педро Санчез, изјави директорот на порталот Начо Кардеро.

- Секогаш кога има слободно и независно истражувачко новинарство, има притисоци. Новинарството е непријатно. Или би требало да биде … Во изминатите недели добивме вербални закани од високи владини претставници, истакна Кардеро, без да наведе имиња.

Од 29 февруари до 4 април „Ел Конфинденциал“ објави серија написи во кои се наведува дека Бегоња Гомез (49), сопругата на Санчез, во текот на 2020 и 2021 година се сретнала со претприемачи кои се пријавиле на тендери и преку нив добивале пари и бизниси.

Во јануари 2020 година авиокомпанијата „Ер Европа“ (Air Europa) потпиша договор според кој со 40.000 евра годишно ќе ја спонзорира „ИЕ Африка центар“ (IE Africa Center), образовна институција управувана од Гомез. Десет месеци подоцна, шпанската Влада одобри 475 милиони евра народни пари за спас на „Ер Европа“.

Гомез претходно двапати „тајно“ се сретнала со извршниот директор на „Глобалија“ (Globalia), која е сопственик на „Ер Европа“, и тоа во моментот кога се преговарало за спасување на авиокомпанијата. Сопругата на Санчез и нејзиниот тим добиле и превоз од бизнис класата на „Ер Европа“ во износ од 15.000 евра, објави „Ел Конфинденциал“.

Според порталот, директорот на „Глобалија“ наводно, побарал нејзина поддршка за негови други проекти, меѓу кои е „претворањето на напуштените села во комплекси за недвижнини“.

На 16 април, судијата во Мадрид отвори истрага против Бегоња Гомез (49) врз основа на текстови објавени во онлајн весникот „Ел Конфинденциал“. Пријавата до судот ја поднесе синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце), кој Владата го обвинува за припадност на „екстремната десница“ и учество во „обидот за уривање на власта“.

Државниот правобранител, кој беше назначен од кралот во 2022 година на предлог на Владата на Санчез, побара завршување на истрагата минатата недела, наведувајќи дека „нема индиции за кривично дело“.

Десничарската опозициска Народна партија и Вокс побараа од Санчез да „одговори“ и го обвинија за „притисок врз судовите“.

Претходно, Санчез изјави дека одлучил да остане на функцијата, која ја извршува од летото 2018 година, и покрај отворената истрага против неговата сопруга за можна корупција.

- Решив да продолжам, со уште поголема сила на чело на владата … Тие се обидуваат да ме скршат поради тоа што сум … Мојата сопруга и јас знаеме дека оваа дискредитирачка кампања нема да престане. Оваа злоупотреба ја трпиме 10 години, изјави Санчез на прес-конференција на која на новинарите не им беше дозволено да поставуваат прашања за време на обраќањето

Санчез (52), лидер на Шпанската социјалистичка работничка партија (ПСОЕ) на 24 април ги суспендираше сите должности за да „размисли“ пет дена дали да остане на функцијата поради „лажни обвинувања“ и „напади врз неговата сопруга“. ми/

фото: лого

Остани поврзан