• вторник, 13 јануари 2026

Електронски седници и јавно гласање - Советот на општина Делчево се дигитализира

Електронски седници и јавно гласање - Советот на општина Делчево се дигитализира

Делчево, 29 декември 2025 (МИА)  - Советот на општина Делчево започнува процес на дигитализација на својата работа, со што седниците на Советот во наредниот период ќе се одржуваат по електронски пат, а јавноста ќе добие целосен и транспарентен увид во работата на локалниот законодавен дом. Како што информира претседателот на Советот на општина Делчево, д-р Николчо Стојменовски, во тек е имплементација на пилот-проект за воведување современ дигитален систем за работа, кој ќе овозможи поефикасно функционирање и зголемена транспарентност.

-По успешната реализација на пилот-фазата и по официјалното потпишување договор со фирмата што го обезбедува софтверското решение, од почетокот на 2026 година електронскиот начин на работа ќе стане стандардна практика на Советот. Во рамки на новиот систем, седниците ќе се одржуваат електронски, а гласањето ќе биде целосно јавно и транспарентно. Граѓаните ќе можат во реално време да следат како гласал секој советник по поединечните точки од дневниот ред – дали гласал „за“, „против“, „воздржан“, бил „отсутен“, „се изземал“ или „не гласал“, информира Стојменовски.

Дополнително, седниците ќе бидат отворени за јавноста и ќе може да се следат во живо, без потреба од физичко присуство. Електронскиот дневен ред ќе биде однапред подготвен и јавно достапен, што ќе овозможи навремено информирање на граѓаните за темите што ќе се разгледуваат.

-Како дел од дигитализацијата, ќе биде воспоставена и јавна електронска архива, преку која граѓаните ќе имаат постојан пристап до материјалите од седниците, донесените одлуки, резултатите од гласањата, како и до видео-записите од одржаните седници. Целта на овие промени е да се зголеми транспарентноста, да се зајакне довербата и да се доближи работата на Советот до граѓаните“, истакнува Стојменовски.

Со целосната примена на дигиталниот систем во 2026 година, општина Делчево како што додава Претседателот на Советот има амбиција да стане пример за модерно, ефикасно и отворено локално управување. вс/сст/


Фото: МИА

Остани поврзан