• петок, 22 ноември 2024

ЕК ја тужи Грција поради „недоволни напори“ за усвојување планови за водите и за заштита од поплави  

ЕК ја тужи Грција поради „недоволни напори“ за усвојување планови за водите и за заштита од поплави  

Брисел, 13 март 2024 (МИА) - Европската комисија денеска донесе одлука да ја тужи Грција пред Судот на правдата на ЕУ затоа што не ја спровела бараната ревизија на плановите за управување со водните текови и за справување со ризиците од поплави. 

Согласно Рамковната директива за води на ЕУ од 2000 година, како што јави дописникот на МИА од Брисел, земјите членки на секои шест години мора да ги ажурираат своите планови за управување со водните текови, кои треба да опфаќаат мерки за зачувување на квантитетот и квалитетот на реките и езерата со цел да има доволно вода за задоволување на потребите на луѓето и за опстојување на дивиот свет. 

Грција, меѓутоа, досега ниту разгледала, ниту усвоила планови за управување со водните текови, чие спроведување е клучно за имплементација на Европскиот зелен договор и за постигнување на целите за заштита на климата и природата и за намалување на загадувањето.  

И согласно Директивата на ЕУ за поплави од 2007 година, земјите членки, исто така, на секои шест години мора да ги ажурираат своите планови за справување со ризиците од поплави, а Грција досега ниту разгледала, ниту усвоила вакви планови. 

Европската комисијата лани во февруари испрати писмо до Грција со формално известување за неисполнување на овие обврски, а потоа во ноември до Атина достави и образложено мислење со кое ја повикува да ги исполни обврските и да ги подготви плановите. Но, бидејќи досега Грција не ги финализираше овие планови, Комисијата оцени дека „досегашните напори на грчките власти биле недоволни“ и затоа реши да ја тужи земјата пред Судот на правдата на Европската Унија. 

Поради неусогласеност со овие две директиви, минатиот месец Комисијата одлучи пред Судот на правдата да ги тужи и Бугарија, Ирска, Кипар, Малта, Португалија, Словачка и Шпанија. 

 

Остани поврзан