• вторник, 24 декември 2024

ЕК предложи план за исплата на заеми на Украина од приходите од замрзнатите руски средства 

ЕК предложи план за исплата на заеми на Украина од приходите од замрзнатите руски средства 

Брисел, 20 септември 2024 (МИА) - Европската комисија денеска предложи сеопфатен пакет финансиска помош за Украина, кој се состои од Механизам за соработка за заеми за Украина, во вредност до 45 милијарди евра, како и вонредна позајмица за макрофинансиска помош во износ од 35 милијарди евра. 

Средствата за овој план, кој, според ЕК, претставував решавачки чекор во зајакнувањето на поддршката за Украина, ќе бидат обезбедени од приходите од замрзнатите руски средства, со што се испраќа јасен сигнал дека товарот на обновата на земјата ќе го понесат одговорните за нејзиното уништување.  

- Овој пристап ќе се примени првпат на структуриран начин за обезбедување долгорочна и стабилна финансиска поддршка за закрепнувањето и издржливоста на Украина, се додава во соопштението, 

Комисијата предлага воспоставување Механизам за соработка за заеми за Украина, преку кој ќе се поддржат напорите на земјите од Г7 за доделување позајмици на земјата, во износ од 45 милијарди евра.  

- Во услови кога Украина и натаму да се соочува со предизвици без преседан поради засилената руска агресија, овој предлог ја покажува непоколебливата посветеност на ЕУ за поддршка на суверенитетот и економската отпорност на Украина. Украинскиот Механизам за соработка за заеми ќе и понуди на Украина финансиска поддршка преку користење на финансиите обезбедени од извонредните неочекувани приходи од замрзнатите средства на Руската централна банка, посочува ЕУ. 

Според Планот, Украина може да ги искористи овие средства за да ги отплати позајмиците од ЕУ и други кредитори кои учествуваат во иницијативата на Г7 за „Вонредни заеми за зголемување на приходите за Украина“ (ЕРА). 

Во рамки на иницијативата ЕРА, ЕК предлага вонреден заем од 35 милијарди евра, наменети за задоволување на итните буџетски потреби на Украина, кои значително се зголемија во услови на засилена и продолжена руска агресија. Преостанатата сума на заемот треба да ја обезбедат другите земји од Г7. 

- Со овој сеопфатен финансиски пакет се исполнуваат обврските преземени на Самитот на лидерите на Г7 во Апулија на 15 јуни и на Европскиот совет на 27 јуни. Преку овој пакет, Европската комисија ја потврдува својата посветеност да застане зад Украина, гарантирајќи дека поддршката на ЕУ останува цврста и ефикасна, се додава во соопштението. 

Предлогот на ЕК сега треба да биде одобрен од Европскиот парламент и земјите членки на ЕУ во рамки на Европскиот советот со квалификувано мнозинство. Имајќи ја предвид итноста на предлогот, Комисијата најавува дека ќе работи интензивно со ЕП и Советот на ЕУ за негово побрзо усвојување. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан