Експлозија во џамија во нигерискиот град Маидугури за време на вечерните молитви
- Експлозија избувна денеска во џамија во нигерискиот град Маидугури, административен центар на државата Борно, за време на вечерните молитви, изјавија сведоци.
Абуџа, 24 декември 2025 (МИА) - Експлозија избувна денеска во џамија во нигерискиот град Маидугури, административен центар на државата Борно, за време на вечерните молитви, изјавија сведоци.
Нема непосредни извештаи за жртви или повредени, ниту официјален коментар од властите.
Маидугури е во зоната на дејствување на исламистичката бунтовничка група Боко Харам, која уби десетици илјади луѓе и расели милиони локални жители во текот на изминатите две децении.
Ниту една група сè уште не ја презеде одговорноста за експлозијата, но исламистите претходно ги таргетираа џамиите и прометните области во Маидугури со самоубиствени бомбашки напади или напади со импровизирани експлозивни направи.
Боко Харам го започна својот бунт во државата Борно во 2009 година, обидувајќи се да воспостави таканаречен исламски калифат. И покрај напорите на нигериската војска, спорадичните напади на исламистите во областа продолжуваат. мс/
фото: ЕПА архива