ЕКСКЛУЗИВНО – МИА на Патмос: Популарен остров за религиозен туризам, но и дестинација за релаксиран летен одмор (трет дел)
- Светата пештера на Откровението, заедно со манастирот изграден во чест на Свети Јован Богослов и малиот град Хора се дел од светското наследство на УНЕСКО веќе 26 години, женските манастири, чудотворната икона на Св. Богородица Елеуса (Милостива) со појавеното трето око, животот на аскетите, трите ветерници, архитектурата, уличната структура и верски обичаи, речиси непроменети од 12 век до денес, во комбинација и со плажите, го прават Патмос примамлив за секаков вид туризам, а особено е популарен по религиозниот.
Патмос, 23 јули 2025 (МИА)
Сања РИСТОВСКА, дописник на МИА од Грција
– Го нарекуваат островот на Апокалипсата, бидејќи во пештера на тогаш ненаселениот остров, пред 1.930 години, се верува дека апостол Јован Богослов, каде што бил прогонет, го чул Божјиот глас и го напишал Откровението; го нарекуваат и свет остров, еден од најсветите во Христијанството, но и остров на спокојот, од кој си заминуваш со посебна енергија – Патмос е дестинација за поклоници, но и туристи од целиот свет, без разлика на религијата.

Дописничката на МИА од Атина го посети малиот остров што се простира на само 34 километри квадратни, но и на толку мала површина успева да собере толку многу духовен мир и спокој што можеби го нема на никој друг грчки остров, место со најголем број манастири и цркви пропорционално со големината и популацијата, а мештаните велат дека со сето она што го има Патмос – религиозната енергија, архитектурата, морето, карпите, природата – островот нуди внатрешно прочистување и смирување.

- Енергија е неутрален збор, ние православните би рекле дека островот има голем благодат, Патмос е благословено место, осветен од Божјото присуство, исто како и Светиот град Ерусалим, вели за МИА сестра Гликерија од најстариот женски манастир на островот, во обид да даде куса карактеристика на она што го нуди Патмос.

Светата пештера на Откровението, заедно со манастирот изграден во чест на Свети Јован Богослов и малиот град Хора се дел од светското наследство на УНЕСКО веќе 26 години, женските манастири, чудотворната икона на Св. Богородица Елеуса (Милостива) со појавеното трето око, животот на аскетите, трите ветерници, архитектурата, уличната структура и верски обичаи, речиси непроменети од 12 век до денес, во комбинација и со плажите, го прават Патмос примамлив за секаков вид туризам, а особено е популарен по религиозниот.

Спаѓа во групата острови под името Додеканези, во југоисточниот дел на Егејското море, од Атина е оддалечен 158 наутички милји, што практично значи над осум часа со траект од најголемото грчко пристаниште Пиреас.
Самиот остров е мал, со 3.283 постојани жители и се карактеризира како свето место, со нераскинлива и директна врска со Христијанството и Православието, а мештаните велат дека има посебна убавина и во зима, иако речиси се е затворено.

Се наоѓа јужно од Самос, југоисточно од Икарија и северозападно од Лерос, а од турското крајбрежје е оддалечен околу 25 наутички милји.
Патмос е еден од островите вклучени на листата дестинации за религиозен туризам во Грција, меѓутоа исто така е вклучен и во рутите за крстарења на грчките острови, а нуди и прекрасни плажи за летен одмор.

За разлика од други грчки острови нема толку голем број туристи и во никој случај не се соочува со „прекумерен туризам“, туку напротив нуди мирен и квалитетен одмор.
Патмос нема аеродром, па така од Атина се стигнува со траект со редовна линија и попатни станици на некој од островите или со авион до некој од соседните острови (Лерос, Кос, Самос), а оттаму со брод.

Иако е дел од групата острови Додеканези, со белите куќи, Патмос повеќе наликува на Кикладските острови.
Жителите на островот се љубезни, позитивни, секогаш со насмевка и отворени да помогнат дали за насоки, дали за кус разговор.

Скала – главното пристаниште на островот
Од грчката метропола патувањето до Патмос трае над осум часа, а траектот стигнува во Скала, мал пристаништен град, каде што е главното и единствено пристаниште на островот и преку кој островот се поврзува како со Атина, така и со околните острови, но и местото каде што пристигнуваат крузерите и јахтите.

Во 16 век било едно од главните трговски пристаништа во Медитеранот, а денешниот изглед градот го добил во 1972 година.
Скала е најгусто населениот дел од островот со најмногу посетители, а во пристанишниот град се наоѓаат повеќето јавни служби, продавници, ресторани, хотели, кафулиња, барови и сл.

На околу 200 метри од пристаништето има мала песочна плажа, популарна кај мештаните кои ја посетуваат по работното време, но и кај туристите, особено оние кои доаѓаат со крузери.

На половина пат од Скала до Хора, во зеленило и борова шума е објектот во кој се наоѓа пештерата на Откровението или Апокалипсата, светото место каде што се верува дека во 95 година апостол Јован го напишал Откровението, последната книга од Новиот Завет, додека, пак, манастирот Свети Јован е видлив не само од пристаништето, туку и од траектите при приближувањето до Патмос.

Хора – градот со бели куќи изграден околу манастирoт Јован Богослов
На голем број од островите во Грција главните градови најчесто го носат името Хора, а таков е случајот и на Патмос.
Хора се наоѓа на рид, на околу четири километри од пристаништето, а на самиот врв е манастирот во чест на Свети Јован Богослов, од каде што погледот на речиси целиот остров навистина остава без здив.

Малиот град е изграден токму околу манастирот и куќите изградени по 15 век се во традиционален стил.

На влезот на градот постои паркинг, а во внатрешноста се забранети возилата, со оглед на тоа што уличките се мали и тесни што буквално наликуваат на лавиринт, но без никаква опасност некој да се загуби.

Има два главни плоштади, едниот пред зградата на општината, а другиот со неколку таверни и кафулиња, кои се отворени само во попладневните часови.

Мештаните велат дека најдобро време за прошетка е рано наутро.
И навистина се во право. Во 8 часот наутро се е затворено, со исклучок на манастир на Свети Јован.

Владее мир и тишина, уличките се празни, а единствено шетаат локалните мачки, кои како и на многу други грчки острови, така и на Патмос, ги има во изобилство.

Отсуството на туристи и метеж е добра можност детално да се разгледа Хора, каде што се задржани автентичните градби, мали куќи со големи ѕидови, прозорци што се отвораат навнатре.

- Нека не те лаже изгледот, имаме мали дворчиња, но се од внатрешната страна. Ѕидовите се дебели, портите мали, прозорците со заштита и не се отвораат нанадвор. Имало напади од пирати и сето ова било за заштитa, објаснува повозрасна Гркинка која целиот живот го поминала на Патмос.

„Архондика“ – традиционалните стари куќи на богати семејства
Она што е карактеристично за Хора и за островот се традиционалните стари куќи на богати семејства од 17-18 век, т.н. „архондика“, кои имаат своја посебна убавина, но и историја, а имаат и свои имиња, според презимето на сопственикот.

Дописничката на МИА ја посети единствената приватна куќа што е отворена за посетители и на некој начин претставува своевиден музеј со зачувани не само предмети и мебел, туку и цели соби онака како што биле пред точно 400 години.

Се наоѓа во срцето на Хора под манастирот на Свети Јован Богослов и веднаш до најстариот женски манастир.
Куќата се вика „Архондико Симандири“ по презимето на сопственичката Сораја Симандири која ја раскажа историјата на домот од околу 500 метри квадратни, изграден во 1625 година.

- Првиот сопственик се викаше Константинос Мусудакис, кој бил бродосопственик од Измир и немаше деца, па се молеше пред Откровението. Откако ги доби своите деца, ја изгради оваа куќа и четири века му припаѓа на нашето семејство. Јас сум 13-та генерација, а мојот син кој сега го има бизнисот е 14-то колено, објаснува сопственичката.

Додава дека на Патмос, обичај е куќата да се пренесува од мајка на ќерка и затоа низ вековите се смениле многу имиња.

Сегашното име Симандирис е по сопругот на бабата на актуелната сопственичка иако тој немал никаква врска со историјата.

- Куќата е многу голема, околу 500 квадратни метри, семејството живеело на горниот кат, а на долниот кат беше кујната, тоалетот, а таму живеел и помошниот персонал. Внатрешниот простор е голем, бидејќи немаме надворешни дворови, не се граделе за заштита од пиратите, објаснува госпоѓа Симандири.
Вели дека токму поради пиратите и вратите и прозорците кога била изградена куќата биле сосема поинакви од сега.

Внатрешноста плени со убавина од 17 век, дневен престој, што се користел само за празници, спална соба-со карактеристичен островски кревет, стара зачувана колепка за бебе, предмети, портрети, слики од минатото.

- Она што ќе видите внатре во куќата од слики, портрети до мебел, сè е од Одеса од тогашна Русија. Семејството на мојата баба беше богато семејство од Одеса кое по револуцијата во 1917 година го изгуби својот имот, спасија се што можеа да спасат и да донесат, овде, раскажува сегашната сопственичка.

Куќата е отворена за посетители од 1970 година, влезницата чини четири евра, а најголемиот дел од посетителите се туристи од бродовите за крстарење.

Во непосредна близина на Хора се и трите ветерници кои заедно со манастирот се видливи дури и од пристаништето во Скала.
Ветерниците-мелници на брашно, еден од симболите на Патмос
На помалку од десет минути пеш од Хора и манастирот, иако првично делуваат далеку, се наоѓаат и трите ветерници – мелници за брашно.

Две од нив се изградени во 1588 година, третата во 1863 година, а кога производството на брашно престанало во 50-тите години на минатиот век, ветерниците биле напуштени и пропаѓале.

Во 2010 година биле обновени по иницијатива и финансиска помош од швајцарскиот морепловец Чарлс Пиктет, како и од различни фондации.

Реставрацијата на ветерниците на Патмос во 2012 година била наградена од европската организација Europa Nostra.

На плажа во Грикос и Камбос
Од Скала постои автобуска линија што го поврзува пристанишниот град со Хора, Грикос и Камбос, за оние кои на островот се без автомобил, билетот чини две евра во еден правец, а патувањето до која било од дестинациите не надминува 10-15 миниути.

Камбос се наоѓа северно од Скала и е местото со најголемата плажа на островот, прилагодена за сите возрасти, додека Грикос е мало заливско место, во југоисточниот дел на островот, популарно по плажата Петра и карпата Каликацу, за која се верува дека била свето прибежиште за аскети и испосници.

Минувајќи покрај плажата Грикос, од далечината се гледа огромната карпа која изгледа како да излегува од морето, а на островот постојат различни верувања за „чудниот камен со чудна аура“.

Веднаш до карпата е и популарната плажа Петра, што ја посетиле и голем број светски познати личности.
Сопственичката на бич-барот покажа и фотографии од ѕвездите кои одморале на конкретната плажа, Армани, Ричард Гир, Џенифер Конели со сопругот, модното дуо Дин и Дан Катен, како и низа други светски дизајнери.

Вели дека оваа година нема толку многу туристи, за разлика од лани, но додава и дека август секогаш може да изненади.
Додека со сопственичката на бич-барот разговараме за туризмот, туристи ја прашуваат дали знае каде се наоѓа езерото со лебеди и диви патки, на што таа одговара дека преку летото е суво, нешто што ни го привлекува вниманието и бараме дополнителни информации.

Пред пристапот до плажата постои простор што се користи како паркинг, а во непосредна близина делот е како со суви трски, што всушност е и езерото што се појавува само во текот на зимата, додека поради високите температури пресушува.
Плажите и во Камбос и во Грикос се уредени со бич-барови, лежалки и чадори, а цените се од 20 до 60 евра за сет.

Секако, постои и слободен дел за туристите кои сакаат да постават пешкири и свои чадори.
На островот постојат уште неколку други плажи, до кои се стигнува со автомобил и на кои нема лежалки, чадори за сонце или бич-барови.

Религиозен туризам, туристи од крузери, но и турски државјани
Мештаните и сопствениците на бизниси на Патмос велат дека оваа година најбројни се туристите од Италија, но и од Турција, за кои важи олеснет виза режим за низа грчки острови во близина на турското крајбрежје, како и туристите од крузерите.

- За Патмос е интересно тоа што е остров со високо ниво на „повторувачки туризам“, односно голем број туристи кои секоја година доаѓаат тука. Постојат посетители, кои доаѓаат првпат на Патмос, велат дека е прекрасен остров и дека планираат следното лето да дојдат пак. И навистина доаѓаат, раскажува сопственичка на кафуле во Хора.

Млада брачна двојка од Грција вели дека убавината на Патмос е во тоа што нуди комбинација од религиозен туризам со прекрасни плажи, додека, пак, туристи од Италија коментираат дека плажите и не им се толку важни бидејќи, како што на шега рекоа, и кај нив има дестинации за одмор на море.

Меѓу туристите сретнавме и Хрвати, кои со директен лет од Загреб стигнале на Кос, островот што е во близина на Патмос и одморот планираат да го поминат на неколку острови во тој дел од Егејското море.
Како и останатите туристи, обиколката на Патмос ја започнаа од манастирот на Јован Богослов и пештерата на Откровението.

Зголемен број туристи има во деновите кога на островот се крузерите, а меѓу нив, најбројни се Израелците.
Пикот на сезоната, според мештаните, е од јуни до септември, иако почнува од Велигден, кога островот, поради специфичните велигденските обичаи, е една од омилените дестинации за домашни туристи.

За љубителите на природата и пешачењето, Патмос нуди над десет пешачки патеки што се одлична можност да се истражат исклучително убавите пејзажи и природата, спомениците, античките локалитети, манастирите, старите капели, „светите прибежишта“ итн.

Една од најпознатите (и најлесни) пешачки патеки е од манастирот на врвот на Хора до пештерата.

Пред патувањето на Патмос, многумина од оние кои веќе го посетиле островот нагласуваа дека од островот на Октровението се враќаш со некоја посебна енергија, нешто што не може да се опише со зборови.

Веројатно забелешката е точна. Влегувањето во траектот во пресрет на речиси девет часовното патување кон Атина и по неколку напорни денови, душата е исполнета со спокој, а внатрешниот мир го надвладува физичкиот замор.

Патмос ве испраќа и немо ви порачува дека сигурно ќе се вратите, а првата посета, нема да биде и последна.
(крај)
ФОТО: МИА