• вторник, 05 ноември 2024

Еко патроли за поздрава животна средина, еколошка конференција во Кавадарци

Еко патроли за поздрава животна средина, еколошка конференција во Кавадарци

Кавадарци, 27 октомври 2023 (МИА) - Делување на еко патроли за поздрава животна средина е само една од активностите на регионалното друштво „Еко - живот“ од Кавадарци. На денешната конференција посветена на екологијата, присутните беа информирани и за другите активности како стартување и организирање на Еко - инфо центар, информативен сервис за природата и природните ресурси, еколошко правно советување за територијата на општините Кавадарци и Росоман и друго. 

Еколошката конференција се одржа во рамките на проектот „Одржливост на невладините организации преку локални акции за поздрава и почиста животна средина во општината Кавадарци и регионот“. Овој проект е финансиран преку ЕУ проектот „Техничка поддршка за подобрување на овозможувачката средина за граѓанските организации во Република Северна Македонија“. 

Роберто Паризов, претседател на „Еко - живот“ потсети дека друштвото е активно петнаесетина години и додаде дека во него покрај возрасните, волонтираат и над 130 млади.

- Станува збор за активности во рамки на кавадаречка општина,  втора по големина, територијално во државата, богата со многубројни природни убавини. Ние овде имаме четири заштитени подрачја: Тиквешко Езеро, Дреновска клисура, Кожуф планина и изворите Лукар. Целта е подигнување на еколошката свест и промовирање на еколошки вредности, детектирање на  еколошки проблеми и нивно решавање. На овој план делуваме континуирано, вклучувајќи и млади, особено ученици од Кавадарци и Росоман, појасни Паризов, кој е координатор на проектот, осврнувајќи се и на соработката со  локалната самоуправа.

Координаторката на проектот на национално ниво Маријана Манева истакна дека  во овој проект има вкупно 49 невладини организации со активности низ цела држава.

- Како експерт сум вклучена во имплементација на активностите на 13 организации. Голем дел за животна средина, појасни Манева. 

Зоран Младеновски, советник за заштита на животната средина при Општината, ја нагласи  големата соработка со „Еко - живот“. Тој информираше дека имаат многу заеднички активности, а други општини се интересираат за веќе изработени проекти, како плод на соработката на оваа невладина организација и локалната самоуправа.

Димитар Радњански, раководител на службата „Мој општинар“ исто така рече дека соработката е на највисоко ниво и оти се има иста цел и се оди во ист правец. свд/мд/

Фото: МИА 

Остани поврзан