• вторник, 26 ноември 2024

ЕК најави широк економски и инвестициски план за Западен Балкан

ЕК најави широк економски и инвестициски план за Западен Балкан
Брисел, 29 април 2020 (МИА) – Европската комисија (ЕК) официјално најави дека ќе ги поддржи земјите од Западен Балкан со 3,3 милијарди евра за справување со здравствената криза како и со социоекономските последици од истата, јави дописничката на МИА од Брисел. - Имаме посебна одговорност да им помогнеме на нашите партнери од Западен Балкан во оваа пандемија, бидејќи нивната иднина јасно припаѓа во Европската унија. ЕУ мобилизира значителен финансиски пакет, со што ја потврдува својата силна солидарност. Заедно ќе ја надминеме кризата и ќе закрепнеме, изјави денеска претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен на неделниот состанок на еврокомесарите во Брисел. Европската комисија најави и дека подоцна во текот на оваа година ќе биде лансиран широк економски и инвестициски план за целиот регион, кој ќе им биде презентиран на лидерите на земјите од регионот на 6 мај кога ќе се одржи самитот ЕУ-Западен Балкан. Овој план за регионот има за цел да го поддржи економското закрепнување на шесте земји од регионот по здравствената криза со коронавирусот. За периодот 2021-2027, Европската комисија предлага вкупниот износ на претпристапниот инструмент да изнесува 14,5 милијарди евра, од кој најголем дел ќе биде за земјите од Западен Балкан и предлага значително зголемување на финансиските гаранции за поддршка на јавните и приватните инвестиции во регионот преку воведување посебен инструмент. ЕК инсистира економското закрепнување на регионот да биде фокусирано на Зелената и дигитална транзиција, за да се рестартираат и модернизираат економиите на земјите од регионот. - Европската унија реагираше брзо, сеопфатно за поддршка на Западен Балкан во справувањето со пандемијата на Ковид-19, со неспоредлива финансиска помош и пристап до бројни ЕУ иницијативи. И нашата работа ќе продолжи со Економскиот и инвестицискиот план за регионот за справување со социоекономските последици од кризата, модернизирање на економиите, поддршка за реформите и затворање на развојниот јаз, а со тоа побрзо да им се овозможат конкретни бенефити на луѓето, изјави еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји. Комисијата предупредува дека надминувањето на кризите низ кои минува регионот во моментов може да стане реалност „само ако партнерите работат на исполнување на нивните реформски заложби“. Владеењето на правото, фунцкионирањето на демократските институции и јавната администрација остануваа клучни столбови за развој на регионот, нагласува ЕК. тм/гт/

Остани поврзан