Екипи на ЈП Комунална хигиена-Скопје во декември подигнале 1200 кубни метри отпад од диви депонии
- Екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје во текот на декември подигнале и транспортирале приближно 1200 кубни метри непрописно оставен отпад од јавни и сообраќајни површини на територијата на градот Скопје.
Скопје, 31 декември 2024 (МИА) - Екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје во текот на декември подигнале и транспортирале приближно 1200 кубни метри непрописно оставен отпад од јавни и сообраќајни површини на територијата на градот Скопје.
Како што информира јавното претпријатие, најголем број диви депонии се отстранети во скопските општини Чаир, Ѓорче Петров и Аеродром.
-Во текот на месецов, ЈП Комунална хигиена-Скопје бележи и голем број интервенции на таканаречените „црни точки“ каде што континуирано непрописно се остава отпад, лоцирани на булеварот „Никола Карев“ (Пластичарска улица) во општината Чаир, улиците „Ѓорче Петров“, „Лука Геров“, „Христо Батанџиев“ и „Македонска војска“ во општината Ѓорче Петров, улицата „Васил Чакаларов“ во општината Карпош и улицата „Димо Хаџи Димов“ во општината Кисела Вода, информира ЈП Комунална хигиена-Скопје.
На овие локации секојдневно се реализираат и интервентни патролни дежурства од страна на Еко-патролата на ова јавно претпријатие, кое во текот на декември изготвило и врачило вкупно 29 едукативно-информативни записници за граѓани и правни субјекти што биле затекнати при прекршување на Законот за јавна чистота. хс/цр
Фото: ЈП Комунална хигиена-Скопје