• понеделник, 18 ноември 2024

Европскиот совет одобри старт на преговорите за членство со БиХ (ДПЛ)

Европскиот совет одобри старт на преговорите за членство со БиХ (ДПЛ)

Брисел, 21 март 2024 (МИА) – Европскиот совет штотуку одлучи да ги отвори пристапните преговори со Босна и Херцеговина, објави вечерва претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел.

- Вашето место е во нашето европско семејство. Денешната одлука е клучен чекор напред на вашиот пат кон ЕУ. Сега напорната работа треба да продолжи за Босна и Херцеговина стабилно да напредува, како што сака вашиот народ, наведе Мишел во објавата на Икс.

Информацијата ја потврди и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, кој додаде дека на предлог на Хрватска во одлуката е вметната и реченицата со која се повикува Европската комисија да ја подготви преговарачката рамка.

- Ова е важна геостратешка порака за сите граѓани, лидери, институции и политички партии во БиХ, додаде Пленковиќ. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, во Нацрт-заклучоците од Самитот се посочува дека врз основа на препораката на Комисијата од 12 март 2024 година, Европскиот совет одлучи да ги отвори пристапните преговори со Босна и Херцеговина.  

- Европскиот совет ја повикува Комисијата да ја подготви преговарачката рамка со цел нејзино усвојување од страна на Советот, откако ќе бидат преземени релевантните чекори наведени во препораката на Комисијата од 12 октомври 2022 година, се наведува во Нацрт-заклучоците во делот за проширувањето.

Во текстот се посочува дека врз основа на одлуките од Самитот во Гренада за проширени и внатрешни реформи, лидерите на ЕУ ја реафирмираа псоветеноста за работење на два колосеци со цел да се обезбеди дека идните членки и самата Унија ќе бидат подготевени за проширувањето. 

- Европскиот совет ќе се осврне на внатрешната реформа на претстојниот состанок со цел да се усвои патоказ за идната работа до летото 2024 година, се наведува во заклучоците.

Лидерите, исто така, го поздравуваат напредокот на Украина и Молдавија во унапредувањето на неопходните реформи на нивниот пат и ги повикуваат Советот што е можно побрзо да ги усвои нацрт-преговарачките рамки со двете земји, веднаш по нивната изработка.

Пред почетокот на Самитот, повеќето европски лидери изразија поддршка на препорака на Еврокомисијата за старт на преговорите.  

Од друга страна, холандскиот премиер Марк Руте изјави дека Холандија ќе го поддржи предлогот за почеток на преговорите, но дека пред да се усогласи преговарачката рамка земјата мора да ги спроведе сите неопходни услови наведени во Извештајот на ЕК.  

- Босна и Херцеговина постигна напредок за да го поддржиме отворањето на преговорите, но Европската комисија беше многу јасна дека БиХ мора да направи уште многу за да ги почне самите преговори согласно договорена преговарачка рамка, додаде Руте.  

Еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји минатата недела во интервју за Европската новинска мрежа (ЕНР), чиј дел е и МИА, изјави дека Европската комисија предложила Советот на ЕУ да донесе одлука за отпочнување на пристапните преговори со Босна Херцеговина и изрази надеж дека лидерите на Унијата ќе донесат позитивно решение на денешниот Самит.  

- Сметаме дека условите се исполнети. Предлогот се заснова на барањето на Европскиот совет од декември минатата година дека Комисијата треба да оцени дали е постигнато потребното ниво на усогласеност со критериумите за членство. Сметаме дека тоа е постигнато. Тие (БиХ) многу сериозно ја сфатија задачата да испорачаат во владеењето на правото, област која е најважна за нашите земји членки. Развојот на настаните е многу охрабрувачки и се надевам дека ќе продолжат да работат. Тие продолжуваат да туркаат и се надевам дека Европскиот совет ќе одлучи да ги започне пристапните преговори како што го предложивме, изјави Вархеји.  сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан