• недела, 22 декември 2024

Европарламентот повика на итно и енергично спротивставување на обидите за руско мешање во ЕУ 

Европарламентот повика на итно и енергично спротивставување на обидите за руско мешање во ЕУ 

Брисел, 25 април 2024 (МИА) – Европскиот парламент денеска усвои Резолуција со која се повикуваат лидерите на ЕУ и земјите членки итно и енергично да се спротивстават на обидите за руско мешање. 

Во Резолуцијата, усвоена е со 429 гласа „за“, 27 „против“ и 48 „воздржани“, европратениците бараат преземање мерки за справување со „обидите за мешање на Русија, не само во институциите на ЕУ, туку и низ целата Унијата“. Во документот се посочува дека „постои чувство на итност и решителност“ за преземање мерки, особено во пресрет на европските избори што ќе се одржат од 6 до 9 јуни годинава. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, усвојувањето на Резолуцијата следи по неодамнешни откритија за обиди на Кремљ да се меша и да ги поткопува европските демократски процеси преку поткуп на европратеници. 

- Парламентот е згрозен од веродостојните наводи дека некои европратеници биле платени да шират руска пропаганда и дека неколкумина учествувале во активностите на прорускиот медиум „Гласот на Европа“ во време на илегалната агресивна војна на Русија против Украина, се наведува во Резолуцијата, во која се додава дека секој таков обид за влијание и мешање мора да има последици. 

Покрај сомнителните случаи на руско мешање низ цела Европа, пред се во Бугарија, Германија и Словачка, во документот се посочува и примерот со неодамнешното сослушување на еден од водечките европратеници на екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија (АФД), Максимилијан Крах од страна на американското Федерално истражно биро (ФБИ) поради сомнежи дека добил пари од агенти на Кремљ, како и со апсењето на неговиот асистент пред два дена под обвинение дека е кинески шпион.  

- Парламентот ја повикува АФД без одлагање јавно да ги објави своите финансиски трансакции, пред се со Кремљ, и јавно да го открие целиот и точен износ на сите средства кои ги добила од извори поврзани со Кремљ, се додава во Резолуцијата. 

Натаму во текстот се посочува дека иако и други земји се исто така активни на тоа поле, Русија останува главен извор на странско мешање и ширење дезинформации во ЕУ.  

- Одговорот на ЕУ на овие закани може да биде ефикасен само ако се заснова на заеднички, холистички и долгорочен политички пристап на ЕУ и на земјите членки, се додава во документот. 

Со Резолуцијата се бара подобрување на „внатрешната безбедносна култура“ на Европскиот парламент, вклучително и на темелните внатрешни истраги за да се проценат можните случаи на странско мешање и целосното спроведување на рамката за внатрешни санкции, како и задолжителна безбедносна обука за европратениците и вработените, издавање соодветни безбедносни сертификати и засилен скрининг на персоналот. 

Натаму, во Резолуцијата се повикува Советот на ЕУ со следниот пакет санкции поврзан со Русија да бидат опфатени и медиуми поддржани од Кремљ, како и други радиодифузери и медиумски организации и поединци „одговорни за ширење пропагандни и дезинформациски кампањи во ЕУ“. сп/

Фото: МИА Архива

.

Остани поврзан