• понеделник, 23 декември 2024

Еврокомесарот Рејндерс од 25 април ја става функцијата во мирување   

Еврокомесарот Рејндерс од 25 април ја става функцијата во мирување   

Брисел, 28 март 2029 (МИА) – Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен го одобри барањето еврокомесарот за правда Дидие Рејндерс за неплатено отсуство од должноста, откако на почетокот на неделава Комитетот на министри на Советот на Европа ја поддржа неговата кандидатура за нов генерален секретар на оваа паневропска организација, соопшти ЕК. 

Во соопштението се посочува дека функцијата на Рејндерс ќе биде во мирување од 25 април, кога официјално стартува изборната кампања за нов генерален секретар на Советот на ЕУ, па до гласањето за избор во Парламентарното собрание на Организацијата, што е предвидено за во јуни.  

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, ЕК информира дека имајќи ја предвид заложбата на Рејндерс да се воздржи од директно и индиректно учество во каква било активност поврзана со изборната кампања до 25 април, да гарантира дека таква активност не се спроведува во негово име, како и да избегне какви било дополнителни дејствија што би можеле да се перципираат како конфликт на интереси, Фон дер Лајен му одобри неплатено отсуство, нагласувајќи дека и во тој период за него ќе важат одредбите и правилата од Кодексот за однесување на членовите на Европската комисија. 

- Претседателката посебно ја истакна обврската да не ги користи човечките или материјалните ресурси на Комисијата во периодот на кампањата и да продолжи со почитување на принципите на доверливост и колегијалност, како и со општите обврски утврдени во Кодексот на однесување, се додава во соопштението, при што се посочува дека за привременото повлекување на Рејндерс, ЕК ги информирала и Европскиот парламент и Советот на ЕУ.  

Рејндерс е еврокомесар за правда од декември 2019 година, на која должност дојде од местото белгиски министер за надворешни работи, функција што ја извршуваше од декември 2011 година во влади на тројца премиери. Пред тоа, од јули 1999 до декември 2011 тој беше министер за финансии на Белгија. Од декември 2018 до ноември 2019 паралелно со должноста шеф на дипломатијата, беше и министер за одбрана. Тој веќе беше кандидат за генерален секретар на Советот на Европа во 2019 година, но загуби од актуелната шефица на Организацијата, Марија Пејчиновиќ Буриќ.  

Негови противкандидати за функцијата се донеодамнешниот швајцарски министер за внатрешни работи Ален Берсет и поранешниот естонски министер за култура Индрек Сар.  

Засега е не јасно дали доколку биде избран на новата должност, Рејндерс уште веднаш ќе го напушти местото еврокомесар или ќе го истурка целиот мандат до крај. Мандатот на сегашната Европска комисија и на нејзините членови истекува со изборот на новиот состав на извршното тело на ЕУ, што се очекува да се случи во октомври или ноември. Од друга страна актуелниот мандат на Пејчиновиќ Буриќ истекува во септември. 

Остани поврзан