• петок, 18 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Преку дебата до одлука дали ќе се прават измени или ќе се оди со нов закон за работни односи

Преку дебата до одлука дали ќе се прават измени или ќе се оди со нов закон за работни односи

Скопје, 2 април 2025 (МИА) – Трудовото законодавство е од витално значење за економијата и за постигнување економска ефикасност и добросостојба на населението како целина, а Законот за работни односи има значајна улога во обезбедувањето легислативна рамка за правични и ефикасни работни односи што треба да промовираат продуктивно пристојно вработување и социјален мир, порача денеска министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.

Нагласи дека актуелниот Закон за работни односи датира од 2005 година и во меѓувреме се направени 28 измени и дополнувања.

- Многуте измени придонесоа за тешко следење на законот. Тој не ги следи брзите промени на пазарот на трудот, а детектирани се и многу одредби кои поради својата нејасност придонесуваат за правна несигурност. Затоа неминовни се реформи за трудовото законодавство кои ќе ги вклучат потребите и интересите и на работниците и на работодавачите кои ќе треба да бидат прифатени од двете страни, изјави Дурмиши пред почетокот на конференцијата „Реформа на Законот за работни односи – предизвици и насоки“.

Денеска, додаде, сакаме да ги слушнеме социјалните партнери, судиите, експертите и другите засегнати страни за да увидиме дали е подобро да одиме со измени на постојното законско решение или да продолжиме да работиме на текстот на нов закон кој се работи подолг период. Нагласи дека очекува отворена, одговорна и конструктивна дискусија и одлука која ќе биде во интерес на работодавачите и работниците.

-Оваа конференција е свикана за да се слушнат сите социјални партнери и работодавачите и синдикатите и работниците. Кава одлука ќе произлезе од конференцијата ние како Влада ќе ја спроведеме, посочи Дурмиши.

Во своето обраќање на конференцијата, пак, рече дека реформата не е само технички процес, туку одлука за насоката што треба да ја заземе пазарот на трудот во нашата земја.

-Не одлучуваме само за текст на закон, туку како сакаме да изгледа пазарот на трудот. Работниот однос не е само договор, туку жив однос што носи сигурност, достоинство и напредок, истакна Дурмиши.

Посочи дека современите предизвици бараат јасен правен систем – флексибилен за работодавачите, правичен за работниците и функционален за државата.

-Ниту една реформа не е лесна, но нема успех без храброст, партнерство и заедничка визија. Ова е наша заедничка можност да изградиме силна основа за идните генерации, нагласи Дурмиши. вј/бак/

Фото: МИА

Остани поврзан