Дурмиши: Нова енергија и 40 милиони евра за локалната економија
- Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши денеска ја посетил Општина Желино каде што заедно со директорот на Агенцијата за вработување, Селајдин Белули, остварил средба со граѓани, локални бизнисмени и претставници на јавните институции.
Скопје, 25 јуни 2025 (МИА) - Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши денеска ја посетил Општина Желино каде што заедно со директорот на Агенцијата за вработување, Селајдин Белули, остварил средба со граѓани, локални бизнисмени и претставници на јавните институции.
-Целта на посетата беше теренска презентација на Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување за 2025 година. Централна тема беше обемната поддршка што Владата ја обезбедува за вработување и самовработување – рекордни 40 милиони евра, насочени кон над 10.000 граѓани кои сакаат да најдат работа, да отворат сопствен бизнис или да се обучат за конкретна професија., соопшти Министерството за економија.
Дурмиши порачал дека ова „не е само план на хартија – ова е план за иднина, план во кој секој млад човек, секоја жена, секој невработен има своја шанса“.
Тој информирал дека преку досегашните јавни повици за активните мерки за кои веќе се врши селекција: Мерка 1.1: До 7.000 евра за започнување бизнис за лица над 29 години, Мерка 1.2: До 10.000 евра за млади до 29 години со иновативна идеја, Мерка 1А: До 20.000 евра за заеднички бизниси на најмалку две лица, се поднесени вкупно 6.026 апликации.
-Тоа не е бројка на хартија – тоа се 6.026 лични приказни, надежи и идеи. Секоја апликација е доказ дека граѓаните не се откажуваат. Напротив, тие се подготвени да направат чекор напред, изјавил министерот.
Посебен акцент бил ставен на Мерка 3.1 – Обука кај познат работодавач, една од најуспешните форми на подготовка за вработување, која директно ги поврзува компаниите и невработените.

Како што наведува Министерството во соопштение, преку оваа мерка работодавачите обучуваат кадар според свои реални потреби; невработените стекнуваат практични вештини во вистинска работна средина; се создава можност за трајно вработување по завршување на обуката.
-Мерка 3.1 е мост – на едната страна се луѓето кои бараат работа, на другата се компаниите што бараат луѓе. Наша задача е тој мост да биде стабилен и достапен за сите, истакнал Дурмиши.
Во рамки на посетата била претставена и мерката за субвенционирано вработување, со која се повикуваат работодавачите од микро, мали и средни претпријатија, социјални претпријатија и граѓански организации да аплицираат за поддршка при отворање нови работни места.
-Мерката нуди: 250.000 денари за вработување младо лице до 29 години, 220.000 денари за жени, Роми, лица со попреченост, долгорочно невработени и корисници на социјална помош, 160.000 денари за лица над 29 години. Работодавачите се обврзани да ги вработат лицата на неопределено време со полно работно време и да ги задржат меѓу 9 и 15 месеци, во зависност од целната група, информира Министерството за економија.
Министерството за економија и труд и Агенцијата за вработување продолжуваат со теренски активности низ државата. Како што соопштува, по Желино, следуваат посети во Гостивар, Кичево, Сарај, Липково и други општини со висока стапка на невработеност. хс/ра
Фото: Министерство за економија