• недела, 22 декември 2024

Дурмиши додели решенија за финансиска поддршка за воведување на ИСО и ХАЛАЛ стандарди на 14 домашни компании

Дурмиши додели решенија за финансиска поддршка за воведување на ИСО и ХАЛАЛ стандарди на 14 домашни компании

Скопје, 15 ноември 2024 (МИА) - Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши денеска ги додели решенијата за исплата на средства на мали и средни претпријатија за воведување на ИСО стандарди и сертификација на ХАЛАЛ систем врз основа на објавените јавни повици по мерките од Програмата за развој на претприемништвото и конкурентноста на малите и средните претпријатија за 2024 година, соопштија попладнево од Министерството.

- Оваа година, Министерството за економија и труд, во рамки на Програмата за развој на претприемништвото и конкурентноста на малите и средните претпријатија за 2024 реализираше мерка 4 - надоместување на дел од трошоците на микро, мали и средни претпријатија за сертификација на системи за квалитет според ИСО стандарди и тоа 40 проценти од докажаните трошоци, но, не повеќе од 200.000 денари поединечно за секој апликант, мерка 5 - надоместување на дел од трошоците на микро, мали и средни претпријатија за сертификација на ХАЛАЛ систем, преку кофинансирање на 40 отсто од докажаните трошоци, но, не повеќе од 200.000 денари поединечно за секој апликант. За реализација на овие мерки, Министерството за економија и труд објави јавни повици, каде беа дефинирани условите за учество и потребните документи за аплицирање, се наведува во соопштението.

Од Министерството потсетуваат дека двата јавни повика биле објавени истовремено на 19 јули на неговата веб-страница, а траеле до 1 октомври.

- За секоја од овие мерки се предвидени средства во износ од 2.000.000 денари поединечно. Заклучно со 1 октомври, до Министерството за економија и труд пристигнаа девет барања од подносители за кофинансирање на сертификација според ИСО стандарди и 14 барања од подносители за кофинансирање на сертификација на ХАЛАЛ систем. Од разгледаните девет барања, Комисијата констатира дека едно не ги исполнува условите за учество одредени со Јавниот повик за ИСО, а за останатите осум одлучи да одобри надоместување на дел од трошоците за сертификација, согласно доставената документација, во вкупен износ од 463.961 ден. Од разгледаните 14 барања, Комисијата констатира дека девет не ги исполнуваат условите за учество одредени со јавниот повик за ХАЛАЛ, а за останатите пет одлучи да одобри надоместување на дел од трошоците за сертификација, согласно доставената документација, во вкупен износ од 445.260 ден, се додава во соопштението.

Добитници на финансиска поддршка за мерката за воведување на ИСО стандарди, како што соопшти Министерството, се: ОРНАМАКС ДООЕЛ Скопје, БАГА ФООД ДОО Битола, БУРДЕМ-ПЛАСТИК ДОО Студеничани, БИМФООД ДОО Прилеп, ПРОАХИС ИНОВАТИОН ДОО Битола, ГАЛАТЕКС ДООЕЛ Куманово, АКЦЕС КОНСТРАКШН ГРУП Скопје, ЕВРОПА 92 ДООЕЛ Кочани, МАРМАЈОЗ ДОО Прилеп. Додека, за мерката воведување на ХАЛАЛ стандарди се СОКО ГОРИЦА ДООЕЛ Скопје, НУРО КОМПАНИ ДОО село Камењане, Боговиње, НЕЛКОСКИ ОРГАНИК ФУД ДООЕЛ село Драслајца, Струга, АНЕТА КОМПАНИ ДООЕЛ Скопје, ЛЕЦКЕР ДООЕЛ, село Требош, Желино.

- Имајќи ги предвид потребите на компаниите, Министерството за економија и труд и во иднина ќе продолжи со реализација на мерки и активности во насока на подобрување на конкурентноста на МСП, се истакнува во соопштението. бд/дма/

Фото: Министерство за економија и труд

Остани поврзан