• петок, 05 декември 2025

Д-р Генадиева - Ставриќ за МИА: Свеста за хематолошките малигнитети сѐ уште не е на задоволително ниво, работиме на подигнување на свесноста

Д-р Генадиева - Ставриќ за МИА: Свеста за хематолошките малигнитети сѐ уште не е на задоволително ниво, работиме на подигнување на свесноста

Скопје, 24 септември 2025 (МИА)

Блаже ДАРУДОВ

Свеста за хематолошките малигнитети сѐ уште не е на задоволително ниво, клучна е едукацијата, за навремено да се препознаат симптомите и да се побара лекарска помош, истакнува во интервју за МИА, директорката на Јавната здравствена установа Универзитетска клиника за хематологија - Скопје, д-р Соња Генадиева - Ставриќ.

Таа ги истакна важноста на раната детекција преку редовни лекарски контроли и поголемата свесност за симптомите, но се осврнува и на работата на Клиниката.

-Хематологијата никогаш не може да биде еден човек. Таа бара тимска работа за Клиниката да оди напред. Тимската работа го покажува својот резултат и успех. Имаме и функционално проширување на просторните капацитети што подразбира зголемување за над 50 проценти на постојните болнички капацитети. Добивме огромна поддршка во проширување на кадровскиот потенцијал на Клиниката и го зајакнавме кадарот преку вработувања. Добивме и зголемен буџет што во моментотов овозможува Универзитетската клиника за хематологија непречено да работи со целосна, современа дијагностика и современи тераписки протоколи признаени во Европа и светот, сѐ со цел, да им пружиме квалитетна здравствена заштита на нашите пациенти. Во континуитет, персоналот се едуцира преку посета на симпозиуми, конгреси, размена на искуства, се поврзува со регионални хематолошки центри, со центри во светот, вели д-р. Генадиева - Ставриќ.

Септември е месец за подигнување на свеста за хематолошките малигнитети. Колку е населението свесно за нив и колку е важна едукацијата како превенција?

- Свеста за хематолошките малигнитети сѐ уште не е на задоволително ниво. За разлика од солидните тумори, како што се ракот на дојка или белите дробови, хематолошките малигнитети почесто остануваат во сенка. Едукацијата е клучна - таа им овозможува на граѓаните навремено да ги препознаат симптомите и да побараат лекарска помош што значително ја подобрува прогнозата и исходот од третманот. За таа цел, заедно со фелата и пациентските здруженија, работиме на подигнување на свесноста.

Кои се најчестите хематолошки малигнитети кај нас и како до најдобро превенирање?

- Најчести се леукемиите, лимфомите и мултипниот миелом. За жал, директна превенција како кај некои други канцери, речиси и да нема, бидејќи овие болести се поврзани со генетски, имунолошки и други фактори. Она што може да се направи, е, рана детекција преку редовни лекарски контроли и поголема свесност за симптомите. 

Колку е важно навременото дијагностицирање и пристапот до современа терапија?

- Навремената дијагностика значи навремен почеток на лекувањето, со тоа и значително подобра прогноза и преживување на пациентите со малигни хематолошки заболувања. Навремената дијагностика е од суштинско значење, бидејќи некои хематолошки малигнитети можат да напредуваат брзо и за кратко време да доведат до летален исход. Современата терапија, вклучително и таргетираните лекови и имунотерапијата, овозможува пациентите да имаат значително подолг и поквалитетен живот, а во одредени случаи и целосно излекување. 

Кога едно лице треба да посети доктор? Кои симптоми не треба да се игнорираат за да се спречат хематолошките малигнитети?

- Секое лице кое има појава на зголемени лимфни јазли, пролонгиран замор, слабост, малаксалост, бледило, чести инфекции, неконтролирани крварења, необјасниво губење на телесна тежина, коскени болки, ноќни потења или покачена температура без јасна причина, треба веднаш да се јави на лекар. Овие симптоми не секогаш значат малигнитет, но, секогаш бараат стручен преглед. При и најмало сомнение за постоење на малигно хематолошко заболување, потребно е пациентот да биде упатен на преглед кај хематолог.

Каде сме како држава во однос на инциденца на овој вид канцер? Дали бројот на заболени расте или опаѓа и на што најмногу се должи тоа?

- За жал и кај нас се присутни глобалните трендови на континуиран пораст на онколошките болести, вклучително и на хематолошките малигни хемопатии и тоа е реалност со што се соочуваме како лекари субспецијалисти на Клиниката за хематологија. Тоа се должи на повеќе фактори: подобра дијагностика, подолг животен век на населението, но и подолго преживување на пациентите со малигни хематолошки заболувања, благодарение на примената на современи нов тераписки модалитети... Македонија се движи во рамките на европските трендови, но, во континуитет работиме на унапредување на пристапот до најсовремените терапии.

Ваша порака до населението по повод септември - месецот за подигнување на свеста за хематолошките малигнитети?

- Мојата порака е едноставна: бидете внимателни кон сопственото здравје и не ги игнорирајте симптомите. Раната дијагноза и современата терапија денес прават огромна разлика - од неизвеснот до квалитетен и исполнет живот. Септември е месец на свесност, но, грижата за здравјето мора да биде наша секојдневна обврска. 

Блаже ДАРУДОВ

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан