• понеделник, 23 декември 2024

Државниот совет на Грција го прогласи за противуставен законот за неинформирање на лидерот на ПАСОК за прислушувањата

Државниот совет на Грција го прогласи за противуставен законот за неинформирање на лидерот на ПАСОК за прислушувањата

Атина, 5 април 2024 (МИА) – Денеска е ден на победа на владеењето на правото врз парадржавата на прислушувањата на Нова демократија, истакна лидерот на ПАСОК Никос Андрулакис, откако Државниот совет на Грција соопшти дека е противуставен законот за негово неинформирање за прислушувањата, јави дописничката на МИА од Атина.

Државниот совет, што воедно е највисокото судско тело за проверка на уставноста на законите, смета дека регулативата од законот од 2021 година спроведена во случајот со лидерот на ПАСОК, со која се забранува информирање на прислушуваниот „претставува прекумерно ограничување на неповредливоста на комуникацијата“.

Паралелно, делумно го усвои барањето за поништување на актот на претседателот на Управата за обезбедување на приватноста на комуникациите, со кое беше одбиено барањето на Андрулакис од септември 2022 година да биде информиран за декласификација на неговите комуникации.

Лидерот на ПАСОК порача дека е „историски ден“ и ден на победа над парадржавата организирана од Премиерската палата.

- Утрово пленарното собрание на Државниот совет го прогласи за противуставен законот што го донесе владата на Нова демократија за да го прикрие парадржавното прислушување и законот што забрануваше информирање на жртвите на прислушувањето. Секако, според одлуката на Државниот совет, Управата за обезбедување на приватноста на комуникациите е повикана веднаш да ме извести. Институционално, законски, како што требаше да биде од почеток, рече Андрулакис

Во текот на летото 2022 година, Андрулакис поднесе пријава до Врховниот суд на Грција за обид неговиот мобилен телефон да биде следен со софтверот „Предатор“, а подоцна беше откриено и дека бил прислушуван и од Националната служба на Грција кон крајот на 2021 година во периодот додека беше европратеник и пред да стане лидер на ПАСОК. ср/сд/

Остани поврзан