• четврток, 19 декември 2024

Државната комисија за спречување на корупција со кампања „Бидете херои на чесноста“ во училиште во струмичко Дабиле

Државната комисија за спречување на корупција со кампања „Бидете херои на чесноста“ во училиште во струмичко Дабиле

Струмица, 14 ноември 2023 (МИА) - Со едукативната кампања „Бидете херои на чесноста“ сакаме на децата да им ги доближеме проблемите кои му тежат на ова општество, а како еден најголем од нив е корупцијата, рече претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) Билјана Ивановска на настанот во ОУ „Свети Кирил и Методиј“ во струмичко Дабиле.

Целта на кампањата е учениците да се едуцираат за важноста на интегритетот и борбата против корупцијата, да научат колку е важно чесното живеење и дејствување, да ги резберат штетните ефекти од коруптивните дејства и со нулта толеранција да пристапуваат кон лицата кои ја извршуваат.

-Од досегашната кампања можам да кажам дека децата се мнигу свесни за корупцијата, бидејќи на почетокот правиме анонимна анкета и поставуваме неколку прашања - дали се сведоци на незаслужени оценки, дали некој фаќа врски во училиштето, кому се обраќаат кога имаат проблем и друго. Заклучокот од сето тоа е дека поголем број од нив, некаде од 70 до 90 отсто одговориле дека се сведоци на такви појави и дека родителите најчесто фаќаат врски тие да ги добијат оценките и кога имаат проблем најчесто се обраќаат кај своите родители, рече Ивановска.

Според неа, досега само ученици од училиште во една скопска ооштина се изјасниле дека повеќе веруваат на наставниците. Таков бил случајот со училиште во Шуто Оризари, каде социјалниот статус на родителите бил на поинакво ниво, а учениците се уште го почитувале авторитетот на наставникот и родителите не се мешале.

Во кампањата учествуваат и актерите Игор Ангелов и Фисник Зекри, кои на начин близок до учениците ги презентираат лошите страни на корупцијата и добрите страни на одговорноста и чесноста. За сценариото е задолжена Елеонора Венинова, која на вешт начин на дечињата им ја спојува забавата и едукацијата.

Оваа кампања на Државната комисија за спречување на корупција е дел од Активноста за анти-корупција и интегритет која ја спроведува Канцеларијата на Меѓународната фондација за изборни системи ИФЕС, а е финансирана од УСАИД. рт/мд/

Фото: МИА

Остани поврзан