• понеделник, 23 декември 2024

Драмско студио Тетово најавува премиерна претстава, ќе имаат и две гостувања во Гостивар и Белград

Драмско студио Тетово најавува премиерна претстава, ќе имаат и две гостувања во Гостивар и Белград

Тетово, 9 април 2024 (МИА) - Драмското студио Тетово најавува две гостувања со претставата „ВАЈ-ФАЈ“, како и почнување со проби за премиера на комедијата „ВИ Спасувач на бракови“. На 17 април Драмското студио Тетово ќе почне да се подготвува за новата театарска претстава.

- Ќе се работи на текст на нашиот прославен драмски писател и текстописец Огнен Неделковски со наслов „ВИ-Спасувач на бракови“. Многу инспиративен текст, се надевам дека екипата на Драмско студио Тетово убаво ќе ја подготви, а премиера е најавена за почетокот на јуни 2024 година, информира Игор Бачоски од Драмско студио Тетово.

Тој воедно информира дека по подолго време за оваа претстава ќе се подготви и авторска музика на која ќе работи групата „Легенда“.

В петок, на 12 април со почеток во 19.30 часот во големата сала во Центарот за култура „АСНОМ“ во Гостивар за гостиварци премиерно ќе биде изведена претставата „ВАЈ-ФАЈ“ од писателот Мирољуб Недовиќ-Рики, а во режија на Мирко Видоески.

-Публиката во Гостивар ќе има можност да се насмее на згодите и незгодите на две семејства од Тетово кои се посватуваат, а нивните деца се во странство. Текстот е многу актуелен и колку што има хумор во него, сепак остава една доза горчлива насмевка затоа што никого не го остава рамнодушен сето ова што се случува со иселувањето на младите од Македонија, информира Бачоски. 

Ова претстава исто така во мај ќе гостува во Белград на Манифестацијата „Деновите на македонската култура 2024“ во организација на Здружението на Македонците во Белград „МАКЕДОНИУМ“ и Советот на Македонците во Република Србија. ас/мд/

фото: Драмско студио Тетово 

Остани поврзан