• понеделник, 23 декември 2024

Драмски театар Скопје со претставата „Диши“ гостува во Приштина

Драмски театар Скопје со претставата „Диши“ гостува во Приштина

Скопје, 26 мај 2023 (МИА) - Драмски театар Скопје со претставата „Диши“ денеска ќе гостува во Приштина на седмиот по ред Интернационален театарски фестивал „Приштина 2023“ што се одржува од 22 до 28 мај. Во Приштина, претставата ќе ја има својата 15 изведба.

Од Драмски соопштуваат дека освен актерите на театарот, на фестивалот ќе учествуваат ансамбли од театри од Шпанија, Турција, Хрватска, Албанија и од Косово.

Текстот „Диши“ (Бели дробови) на Данкан Макмилан е напишан во 2011 година. Режисер на претатсвата е Димче Николовски, а драматург Александра Бошковска. Преводот го направи Благоја Бошковски – Буцко. Сценографијата е на Илија Николовски, а костимограф е Раде Василев. Улогите во претставата ги толкуваат Јасмина Василева и Димитрија Доксевски.

„Диши“ е современа, длабоко интимна, истовремено универзална и еколошка - глобална драма. Lungs (Бели дробови), низ повеќе животни циклуси на љубовната врска, на духовит и прониклив начин, го следи релативно младиот пар М и Ж (M&W) додека контемплира на различни прашања за смислата и бесмисленоста, за надежта и предавствата, за промените и за смртта, за создавањето на нов живот и за крајот на светот.

Актерите Јасмина Василева и Димитрија Доксевски за „Диши“ истакнуваат дека претставата навигира низ сите погоре поставени прашања, толкувајќи ги токму во „еден здив“ преку експериментирање со минималистички актерски израз зададен од самиот автор. Оваа драма е напишана за да се изведе на празна сцена.

-Нема сценографија, нема мебел, нема реквизити и нема беспредметно дејствие. Нема промена на костими. Не би требало да се користи светло и звук за да се укаже на промена на времето или просторот, велат актерите.

„Претставата „Диши“ ја создававме во неизвесноста на пандемијата, во неудобноста и осаменоста од наметнатата социјална дистанца, во постојаната промена на расположенијата помеѓу болката и надежта, со секој нов здив преиспитувајќи се: Дали од ова ќе излеземе како подобри луѓе?“, се навраќаат на процесот на создавање и премиерата на претставата во декември 2020 година, актерите Василева и Доксевски. фф/вг/

Фото: Драмски театар Скопје

Остани поврзан