• понеделник, 23 декември 2024

ДПМ на Саемот на книгата во Гетеборг

ДПМ на Саемот на книгата во Гетеборг

Скопје, 21 септември 2022 (МИА) - Писателот и претседател на Друштвото на писателите на Македонија Христо Петрески ќе гостува на Саемот на книгата во Гетеборг, што ќе се одржува од утре до 25 септември.

Петрески, како што информира ДПМ, ќе има точка во програмата на „Глобален плоштад“ на Саемот, в недела, на 25 септември во 12 часот. Како што е најавено, ќе зборува за активностите на ДПМ и неговите заложби во општеството.  

Притоа Петрески ќе се сретне и со македонските писатели кои живеат и создаваат во Шведска. Ќе се разговара и ќе се договорат конкретни начини и активности за понатамошна заедничка размена на идеи, иницијативи и соработка. 

-Книжевното творештво и создавањето на македонските писатели во странство е битен и неразделен сегмент на постоењето и работењето на Друштвото на писателите на Македонија. Во  тие рамки се и овие посети, разговори и средби, размена на сознанија и искуства, но и презентацијата на македонските автори и дела во светот, стои во соопштението од ДПМ.

Друштвото на писателите на Македонија, како што се наведува, е отворено за промоции, разговори и средби и други слични активности на писателите од земјава кои живеат и творат во странство – секогаш кога имаат нови книги и кога се во посета на својот роден крај.   На тој план е воспоставена и евидентна соработката и со Агенцијата за иселеништво на Република Северна Македонија. мд/дма/

Остани поврзан