• среда, 25 декември 2024

До Квон, „кралот на криптовалутите“ ќе биде екстрадиран од Црна Гора во САД

До Квон, „кралот на криптовалутите“ ќе биде екстрадиран од Црна Гора во САД

Подгорица, 21 февруари 2024 (МИА) – Јужнокорејскиот државјанин До Квон треба да биде екстрадиран во САД, кои го товарат за злосторнички заговор и други криминални дејствија, одлучи денеска Високиот суд во Подгорица, додека неговите адвокати тврдат дека таа одлука е незаконска.

Високиот суд соопшти дека го отфрлил барањето на Јужна Кореја за екстрадиција на До Квон.

Одлуката за екстрадиција на САД не е конечна бидејќи бранителите на До Квон имаат право на жалба.

Екстрадиција на До Квон бараа Јужна Кореја и САД поради измама на инвеститори во криптовалути во износ од десетици милијарди долари.

Во Црна Гора во тек е спор околу тоа кој ја носи конечната одлука за екстрадиција на До Квон, судот или министерот за правда.

Одлуката за екстрадиција на До Квон во САД дојде откако Апелациониот суд му нареди на Високиот суд да одлучи дали „кралот на криптовалутата“ треба да биде екстрадиран во Јужна Кореја или во САД.

Во претходните пресуди, Високиот суд заклучи дека се исполнети условите за екстрадиција на До Квон и му остави на министерот за правда, Андреј Миловиќ, да одлучи на која од „државите баратели“ ќе и даде приоритет.

Но, Апелациониот суд посочи дека министерот за правда одлучува само во редовни постапки за екстрадиција, а во скратена постапка До Квон се согласил да биде екстрадиран во земјите што го побарале тоа.

До Квон беше уапсен на крајот на март 2023 година на аеродромот во Подгорица по налог издаден од Јужна Кореја, која прва поднесе барање за негова екстрадиција. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан