• вторник, 26 ноември 2024

„Достоинство“ бара законски измени и изградба на споменици на паднатите бранители во Вејце, Карпалак и Љуботенски Бачила

„Достоинство“ бара законски измени и изградба на споменици на паднатите бранители во Вејце, Карпалак и Љуботенски Бачила

Скопје, 2 октомври 2023 (МИА) - „Достоинство“ денеска побара од трите парламентарни партии од македонскиот политички блок измена на Законот за меморијални споменици и спомен обележја и изградба на споменици на паднатите бранители во конфликтот во 2001 година во Вејце, Карпалак и Требош и не очекува блокада од пратениците од албанските партии.

Претседателот на „Достоинство“, Стојанче Ангелов на денешната прес-конференција нагласи дека не се обидува да подгрева тензии, веќе ги испратил измените кај координаторите на партиите и планира средба со собранискиот спикер талат Џафери за да го убеди во исправноста и хуманоста на барањето.

-Јавно барам средба со координаторите на пратеничките групи на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, како и со пратениците од Левица и воедно бараме средба со претседателот на Собранието Талат Џафери на која ќе го убедам дека се работи за иницијатива со која што чествуваме луѓе коишто го дале својот живот за татковината која што нема за цел дразнење на нашиот воен непријател од 2001 година или на нашите сограѓани Албанци, рече Ангелов.

Тој соопшти дека Предлог-законот е изработен лично од него и се вметнати неколку членови. 

-Во членот 2 по ставот 1 треба да се додаде нов став 2 кој гласи: „Со подигањето на меморијални споменици и спомен-обележја се одбележуваат и значајни настани и истакнати припадници на безбедносните сили поврзани со одбраната на суверенитетот на Република Македонија во 2001 година“. Значи, во членот 2 само дефинираме посебни споменици за бранителите од 2001      година бидејќи сега тие не се конкретно дефинирани и тоа е одредена слабост која што и на тој начин законот не е облигаторен да се изградат одредени споменици. Во членот 3 по ставот 2 треба да с додаде нов став 3 кој гласи: „Настаните и припадниците на безбедносните сили кои се одбележуваат со меморијален споменик треба да се од исклучително значење за одбраната на суверенитетот на Република Македонија во 2001 година“. Сметам дека жртвата која што ја дадоа овие луѓе коишто го положија својот живот на браникот на татковината ги сврстува во категоријата на исклучително значење за одбраната на татковината. Во членот 6 по ставот 1 се додава нов став 2 кој гласи: Собранието за настаните и личностите од членот 2 став 2 донесува посебна програма за одбележување на значајни настани и припадници на безбедносните сили во која се предвидува изградба на меморијални споменици на локациите на кои загинале припадници на безбедносните сили во месноста Карпалак во општина Желино, во атарот  на село Вејце во општина Тетово, во атарот на село Требош во општина Тетово по потреба ина други локации“. Во членот 8 додаваме нов став 2 кој гласи: „Одлуката за подигање на меморијален споменик од членот 6 став 2 на овој Закон се носи со мнозинство гласови од присутните пратеници, а најмалку со една третина од вкупниот број пратеници“. Овде го исклучуваме Бадинтеровото мнозинство, бидејќи со Уставот е уредено дека ова мнозинство не е потребно за носење на ваков закон, рече Ангелов, објаснувајќи ги членовите кои очекуваат да бидат вметнати.  

Побара посебната програма од овој закон да биде донесена во рок од три месеци и на тој начин, како што рече, Собранието ќе ги задолжи сите надлежни институции во рок од три месеци да изградат достоинствени споменици на овие локации.  

Министерството за одбрана информира дека денеска ја почна постапката за изградба на спомениците на загинатите бранители во месноста Љуботенски бачила, на Карпалак и во Вејце.

- Со оглед на обидот на градоначалниците на општините до кои беше поднесена иницијативата да ја политизираат оваа иницијатива, министерката за одбрана Славјанка Петровска, сакајќи да се зачува ликот, делото и жртвата на загинатите бранители, започна со постапка за која не е потребна согласност од општините, а ќе овозможи изградба на овие споменици на споменатите локации, соопштија од Министерството за одбрана.

Со заклучок на седницата на Владата одржана на 28 септември, како што појаснуваат од Министерството за одбрана, Владата ги задолжила Министерството за одбрана и надлежните институции, местата на кои загинале македонските бранители да бидат доделени на Министерството за одбрана.

- Постапката е веќе започната и е во тек, велат од Министерството за одбрана.фф/са/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан