• четврток, 05 февруари 2026

Досегашните потпретседатели на ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат предложени за членови на ИК

Досегашните потпретседатели на ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат предложени за членови на ИК

Скопје, 5 февруари 2026 (МИА) - ВМРО-ДПМНЕ утре ќе одржи Централен комитет (ЦК). Во овој мандат повеќе нема да има потпреседатели. Ќе има претседател, генерален секретар и членови на Извршен комитет (ИК). Досегашните потпретседатели ќе бидат предложени за членови на ИК на партијата, а ќе има и нови имиња, изјави вечерва премиерот Христијан Мицкоски во  вестите на МРТ. 

Тој информира дека ќе се одржи ЦК со сите кои по статут ќе бидат дел од Извршниот комитет.  По автоматизам, како што рече, влегуваат координаторот на пратеничката група, претседателката на Унијата на жени, претседателот на Унијата на млади, претседателот на Унија на ветерани, претседателот на партијата, генералниот секретар или некаде околу 29 луѓе би трбало да има новиот состав на ИК. Ќе побарам од ЦК, како што рече, бидејќи немаме функционален ИК да донесеме одлука за распишување избор на нов претседател на Унијата на ветерани, Унијата на млади и Унијата на жени. Очекувам од 20 до 25 отсто нови луѓе, кои ќе бидат составен дел на ИК на партијата.

- Да, точно е тоа дека партијата во овој мандат нема повеќе да има потпреседатели. Ќе има претседател, генерален секретар и членови на ИК. Досегашните потпретседатели ќе бидат предложени за членови на ИК на партијата и плус некои други имиња. Со тие луѓе јас сум од прв ден, тие луѓе се мои најблиски сорботници и во интерес на она што веќе го најавив за 2029 година и за принципите кои ги застапувам, на конгресот во 2029 година партијата ќе има ново раководство, нов претседател итн. Ценам дека е потребно да се има рамен терен за сите оние кои се заинтересирани и мислат дека можат да додадат вредност пред се во ВМРО-ДПМНЕ, а потоа и во Владата да можат да се кандидираат и да ја побаарат поддршката од делегатите на конгресот, изјави премиерот. 

Прашан за новиот состав на Владата, премиерот рече дека досега бил фокусиран на составување на ИК и очекува следната недела, пред да замине за Минхен, да имаат состанок со новиот состав на ИК на партијата и да донесат одлука за генерален реизбор на општинските комитети на партијата. 

- На тој состанок би излегол и со одредени кадровски решенија во делот на претседател на Градскиот комитет на партијата и претседатели на некои републички партиски комисии итн., со што генерално би ја заокружил врвната структура на партијата. Потоа е процесот селекција на претседатели на општински комитети. Тоа е процес на интервју, нивен избор,  бидејќи тие по статут се и членови на ЦК, највисокото тело на партијата. Кога ќе го заокружиме тој процес, потоа ќе оставиме време на новите или старо-новите претседатели на одредени општински комитети да го составот ликот на општинскиот комитет. Додека тие тоа го составуваат, ќе почнеме да размислуваме и за Владата, за нови кандидати, за промена на ресори, рече премиерот Мицкоски. Очекува целиот овој процес да биде заокружен некаде до мај или јуни. Најави дека од есен ќе има ажурирање на членството на партијата.

Премиерот Мицкоски во рамки на работата на Владата очекува оваа година  да биде реформска, да се испорачаат многу реформи значајни за граѓаните. Оваа година, како што истакна, ќе биде успешна на повеќе полиња. мд/вј/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан