• вторник, 17 декември 2024

Донирани фотоволтаични сообраќајни знаци за Општина Центар

Донирани фотоволтаични сообраќајни знаци за Општина Центар

Скопје, 15 ноември 2024 (МИА) - Општина Центар доби шест фотоволтаични сообраќајни знаци на неколку стратешки локации со цел зголемување на јавната свест за поголема безбедност во сообраќајот. Поставени се во близина на пет основни училишта „Јохан Хајнрих Песталоци“, „Кочо Рацин“, „Коле Неделковски“, „11 Октомври“ и „Св. Кирил и Методиј“.

Општината информира дека сообраќајните знаци се донација од компанијата ОКТА во рамки на нејзината долгорочна платформа „Јас внимавам“.

Според градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски,  ОКТА со оваа донација е партнер  во грижата за безбедноста во сообраќајот во Центар, особено на безбедноста на најмладите.

-Нашата општина е комплетно урбана и предизвиците за малите пешаци се навистина големи и многубројни. Низ овие активности ОКТА го докажува својот позитивен однос кон заедницата, а ние ги повикуваме и другите компании да го следат нејзиниот пример. Упатувам голема благодарност до ОКТА за плодната соработка и информирам дека со нивна поддршка овој месец се организираат работилници за првачињата во нашата општина на тема „Правила за малите пешаци“, со цел запознавање на основните правила за безбедно учество во сообраќајот, изјавил Герасимовски.

Како што соопшти Општина Центар, главниот извршен директор во ОКТА, Димитриос Пасхос, истакнал дека безбедноста на децата е од највисока важност во секое општество, а со поставувањето на фотоволтаични сообраќајни знаци во близина на основните училишта се придонесува за побезбедна средина за најмалите пешаци, но и за сите учесници во сообраќајот.

-За создавање одржлива сообраќајна култура неопходно е континуирано и заедничко делување. Благодарни сме на посветената соработка со Општина Центар, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Министерството за внатрешни работи, чие учество беше клучно за реализација на годинашните активности и за постигнување на целите на платформата „Јас внимавам“, изјавил Пасхос. хс/са/

Фото: Општина Центар 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан