Донесени повеќе кадровски решенија, Мухамед Зекири нов генерален секретар на Владата
- Поранешниот пратеник и потпретседател на СДСМ Мухамед Зекири е нов генерален секретар на Владата. Одлуката е донесена вечерва, на 24-та седница на Владата, заедно со повеќе кадровски решенија
Скопје, 24 ноември 2020 (МИА) - Поранешниот пратеник и потпретседател на СДСМ Мухамед Зекири е нов генерален секретар на Владата. Одлуката е донесена вечерва, на 24-та седница на Владата, заедно со повеќе кадровски решенија.
Како што информира владината прес-служба, Амет Аџиу е разрешен од должноста в.д. директор на Национален парк „Пелистер“- Битола. Осман Шукриу е именуван за нов директор на Јавната установа Национален парк „Пелистер“- Битола.
Владата одлучи Трајче Ангеловски да го разреши од должноста член на Советот за јавно-приватно партнерство, на негово барање, поради постоење состојба на судир на интереси. Елпида Младеновска е разрешена од должноста член на Надзорниот одбор за контрола на материјално - финансиското работење на ЈП за стопанисување со државните шуми „Национални шуми“- П.О. Скопје, на нејзино барање (вработена во УЈП подрачно одделение Крива Паланка). Ѓоко Талевски е рзарешен од должноста член на Управниот одбор претставник на основачот на ЈЗУ Клиничка болница „д-р Трифун Пановски“ – Битола, на негово барање (поради судир на интереси именуван за државен правобранител за подрачје Битола).
Дејана Николова е разрешена од должноста член на Управниот одбор на ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа Свети Николе, стручeн работник од Центарот за социјална работа, на нејзино барање, а за член на Управниот одбор на ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа Свети Николе - стручeн работник од центарот за социјална работа да ја именува Катерина Сенева Конева.
Никола Камчев е разрешен од должноста член на Управниот одбор на ЈЗУ Здравствен дом – Радовиш, на негово барање (избран за нотар). Владата го именува Веселин Стојчевски за член на Управниот одбор на ЈЗУ Здравствен дом „Д-р Хаим Абраванел“ Битола-претставник на основачот (членот на УО Весна Грамосли е почината).
Владата го именува Ристо Пецов за член на Надзорниот одбор за контрола на материјално - финансиското работење на ЈП за стопанисување со државните шуми „Национални шуми“- П.О. Скопје.
Еран Куртиш е именуван за в.д. директор на Агенцијата за остварување на правата на заедници.
Со одлука на Владата на денешната седница Драгољуб Филипоски е отповикан од должноста член на Надзорниот одбор на АД за аеродромски услуги „Аеродроми на Република Северна Македонија“ во државна сопственост и за член на Надзорен одбор на АД за аеродромски услуги „Аеродроми на Република Северна Македонија“ во државна сопственост го избра Бинас Пајазити.
Владата донесе одлука Зоран Иванов да се разреши од должноста член на Надзорниот одбор на АД „Медиумска информативна агенција“- Скопје, во државна сопственост.
Владата даде согласност на одлуката на УО на ПИОМ за изборот на Шаип Зендели да биде заменик-директор на оваа институција. мд/са/