• сабота, 18 мај 2024

Донација од „Ендуро тим“ од Делчево за погодени од поплавите

Донација од „Ендуро тим“ од Делчево за погодени од поплавите

Делчево, 21 јуни 2023 (МИА) - Мотоклубот „Ендуро тим“ од Делчево денеска спроведе хуманитарна акција за најпогодените од поплавите во месноста Студена Чешма.

Како што информираше Виктор Стојановски, претседател на клубот, „Ендуро тим“ донираше пакет со прехранбени производи и парични средства на брачен пар на 90-ина години од животот, кои беа погодени од невремето.

-Денес попладне решивме да им излеземе во пресрет на овие луѓе кои се едни од највозрасните во Делчево. Покрај тоа што дониравме, ги сослушавме нивните проблеми кои најмногу се однесуваат на тоа дека им е потребна помош во расчистување на остатоците предизвикани од невремето. Им ветивме дека во периодот кој следува ќе ги посетиме повторно и ќе им помогнеме во расчистувањето, рече Стојановски.

Изрази подготвеност „Ендуро тим“ да им излезе во пресрет и на други лица кои имаат слични проблеми.

-Значи, слободно нека не побараат, бидејќи ние бевме активни и во пружањето помош за време на пожарите пред две години, помогнавме и по ланското невреме, а со нашите мотори кои можат да допрат до тешко пристапни места, пред некој ден помогнавме и на еден повозрасен човек да си го најде изгубеното стадо, додаде Стојановски.

Денешната акција хуманите делчевци ја реализираа откако на вчерашната владина седница беше прогласена кризна состојба во Делчево поради поплавите кои го зафатија градот Делчево и околните населби пред две недели. вс/хс/

Фото: МИА

Остани поврзан