• недела, 22 декември 2024

Донација на безбедносни скенери за Собранието од Бундестагот

Донација на безбедносни скенери за Собранието од Бундестагот

Скопје, 21 ноември 2024 (МИА) - Претседателот на Собранието Африм Гаши и генералната секретарка на Собранието Марина Димовска денеска се сретнаа со амбасадорките на Германија и на Швајцарија Петра Дрекслер и Вероник Улман, со експерти од германскиот Бундестаг и со претставници на НДИ, по повод примопредавањето на безбедносните рентген скенери од Бундестагот за нашето Собрание.

Како што информира собраниската прес-служба, Гаши се заблагодарил од името на сите пратеници и граѓани до Германија, Швајцарија и НДИ, за институционалното предавање на рентген скенерите, со што се подигнува степенот на безбедност, транспарентност и пристапност на законодавниот дом, неговиот кредибилитет и достоинство.

- По оваа донација и обуките, ќе биде ставен поголем фокус на безбедносното прашање, рече Гаши.

Германската амбасадорка Дрекслер го потенцирала овој важен момент за, како што се наведува, издигнување на долгорочната, континуирана и интензивна соработка меѓу Парламентите кои се срцето на демократијата.

Благодарност за соработката и ангажманот за подобрување на безбедноста на Собранието искажала и швајцарската амбасадорка Улман, која го оценила овој чин како добар почеток на патот до целта - независен безбедносен сервис на Собранието.

Генералната секретарка Димовска изразила благодарност до сите стратешки партнери во овој процес, за несебичната поддршка на службите во двата Парламента за да се реализира сето ова денес, како и до Швајцарската амбасада и НДИ за сиот вложен труд во Собранието.

- Присутните беа сложни дека заедничката соработка ќе продолжи и во иднина, сѐ со цел издигнување на законодавниот дом на граѓаните на едно завидно ниво, стои во соопштението. мд/са/

Фото: Собрание на Северна Македонија 

Остани поврзан