• недела, 22 декември 2024

„Домаќинство за почетници“ на Горан Столевски со премиера на фестивалот во Венеција

„Домаќинство за почетници“ на Горан Столевски со премиера на фестивалот во Венеција

Скопје, 30 август 2023 (МИА) - Македонскиот филм „Домаќинство за почетници“ во режија и по сценарио на Горан Столевски ќе има своја премиера на 80-тиот меѓународен филмски фестивал во Венеција. Фестивалот е организиран од Ла Биенале ди Венеција, а ќе се одржи во Венеција Лидо од денеска до 9 септември.

Одбележувајќи ја својата 80 годишнина, фестивалот го потврдува своето влијание во филмскиот свет како најава за извонредни остварување и потенцијални номинации за Оскар пред сезоната на награди. На фестивалот ќе бидат прикажани филмски наслови како „Ферари“ на Мајкл Ман, „Маестро“ на Бредли Купер, „Догмен“ на Лук Бесон „Убиецот“ на Дејвид Финчер, „Присила“ на Софија Копола.

И покрај сегашните штрајкови во Холивуд, на црвениот килим ќе зачекорат ѕвезди како Адам Драјвер, Кејлеб Лендри Џонс, Мадс Микелсен и Џесика Честејн кои се меѓу познатите лица кои ќе присуствуваат на претстојниот филмски фестивал во Венеција.

Филмот „Домаќинство за почетници“ е во продукција на Лист Продукција - Скопје што има обезбедено дистрибуција на територија на САД, преку компанијата Focus Features (Universal Pictures).

Ова е третиот долгометражен филм на режисерот Столевски и прво негово македонско мнозинско остварување. Неговиот дебитантски филм „Нема да си сама“ (You won’t be alone) беше премиерно прикажан на Sundance Film Festival во 2022 година, а истата година, неговиот втор филм „Доволно возрасни” (Of an Age) го отвори Melbourne International Film Festival. И двата филма беа интернационално дистрибуирани од страна на Focus Features и Universal Pictures.бт/са/

Остани поврзан