• среда, 27 ноември 2024

Долниот дом на италијанскиот Парламент го ратификуваше договорот со Албанија за мигрантите

Долниот дом на италијанскиот Парламент го ратификуваше договорот со Албанија за мигрантите

Рим, 24 јануари 2024 (МИА) - Долниот дом на италијанскиот Парламент денеска го ратификуваше договорот меѓу Италија и Албанија за формирање два прифатни центри за мигрантите кои ќе бидат лоцирани на албанска територија. 

Ваквите прифатни центри ќе служат за обработка на податоци и барања за азил на мигрантите и раселените лица спасени на море од италијанските власти. 

Пратениците го усвоија законот за ратификација со 155 гласа „за“, 115 „против“ и двајца „воздржани“, а законот сега се префрла во Сенатот на конечно одобрување. 

Договорот, што беше потпишан во ноември од италијанската премиерка Џорџа Мелони и нејзиниот албански колега Еди Рама во Рим, предвидува месечен прием до 3.000 мигранти и бегалци, пишува АНСА. 

Од договорот се исклучени лицата со посебни потреби, како што се постарите, децата или бремените жени, мигрантите и бегалците спасени од бродови на невладини организации и луѓето кои слетале директно на италијанска почва. 

Во декември, албанскиот Уставен суд ја суспендираше ратификацијата на договорот во парламентот на земјата, додека Рама изјави дека договорот не содржи ништо незаконско и дека очекува позитивен исход пред истекот на рокот за конечно склучување на договорот во март. 

Откако ја презеде функцијата во есента 2022 година, владата на премиерката Мелони се сврте кон трети земји во обид да го намали товарот на нерегуларната морска миграција во Италија, која се зголеми за околу 50 отсто во 2023 година во споредба со 2022 година. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан