• петок, 20 декември 2024

Додик бара селење на Амбасадата на БиХ во Ерусалим, Комшиќ бара признавање на Косово

Додик бара селење на Амбасадата на БиХ во Ерусалим, Комшиќ бара признавање на Косово
Сараево, 8 септември 2020 (МИА) - Српскиот член на Претседателството на БиХ Милорад Додик денеска поднесе барање да се одржи вонредна седница на Претседателството заради преместување на Амбасадата на БиХ од Тел Авив во Ерусалим, додека хрватскиот член на Претседателството на БиХ Жељко Комшиќ побара вонредна седница со предлог БиХ да ја признае независноста на Косово. Прво, Додик испрати барање за одржување вонредна седница на Претседателството на БиХ, со само една точка на дневниот ред - „Предлог Одлука за промена на седиштето на Амбасадата на Босна и Херцеговина во државата Израел“, објави сараевскиот портал Кликс. Членовите на Претседателството на БиХ, Сефик Џаферовиќ и Жељко Комшиќ, веќе оценија дека предлогот на Додик за преместување на амбасадата на БиХ од Тел Авив во Ерусалим е „популистичка“ и „нереална“. Додик побара седницата да се одржи утре во 11 часот. Во меѓувреме, дојде барање за уште една вонредна седница на Претседателството на БиХ утре, во 10.45 часот, само петнаесет минути пред седницата што ја побара Милорад Додик. Од кабинетот на членот на Претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ, дојде барање на таа седница да се разговара за „Предлогот Одлука за признавање на Република Косово“. Во своето барање, Додик оцени дека „суверенитетот на Израел над Ерусалим е неспорен“. Со потпишување на документот во Вашингтон, Србија се обврза да ја премести својата амбасада во Израел во Ерусалим до јули 2021 година. Косово ќе го стори истото кога Израел ќе го признае како независна држава, се наведува во документот потпишан во петокот во Белата куќа. ссм/

Остани поврзан