• петок, 22 ноември 2024

Доделени сертификатите на учесниците на 14-тата Меѓународна школа за млади лидери одржана во Охрид

Доделени сертификатите на учесниците на 14-тата Меѓународна школа за млади лидери одржана во Охрид

Охрид, 19 октомври 2023 (МИА) – Триесет и осум учесници од Македонија, Србија, САД, Азербејџан, Турција, Јемен, Алжир, Нигерија, Германија, Филипини и од Канада вчера ја завршија 14-тата Меѓународна обука за млади лидери што во организација на поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов се одржуваше во Охрид.

Школата на тема „Едукација – Трансформација – Лидерство“, се одржа во комбинирано издание, со предавања и дискусии онлајн и во живо.

Поранешниот претседател на учесниците кои ја следеа целата програма и успешно ја завршија школата им додели сертификати, а на поддржувачите и ко-организаторите им додели благодарници.

Покрај наставата и предавањата, учесниците го поосетија на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид каде свое предавање одржа д-р Исмаил Серагелдин, основач и поранешен директор на Александриската библиотека.

Убавото и топло време во Охрид учесниците го искористија за заедничка прошетка и посета на културно-историските знаменитости на Охрид.

Школата континуирано ја потврдува својата заложба за создавање на нови генерации млади лидери во областите од кои доаѓаат, притоа овозможувајќи им преку предавањата кои ќе ги слушаат и контактите кои ќе ги создадат, понатаму да се развиваат и на личен и на професионален план.

Школата за млади лидери беше основана на иницијатива на претседателот Ѓорге Иванов која започна на почетокот на неговиот прв мандат. Првата Меѓународна обука за млади лидери се одржа во 2010 година. Оттогаш на досегашните 14 обуки учествуваа околу 550 млади луѓе од земјата и од странство, со различен академски и професионален фокус. Пред дванаесетте генерации учесници на Школата за млади лидери, предавања одржаа околу 350 реномирани предавачи од Република Македонија, Европа и светот. Во 2018 година, проектот Школа за млади лидери на Претседателот Иванов, е прогласен за најдобар социјално одговорен проект во Европа за 2017 година од страна на Светскиот инвестициски форум на бизнис-ангели. аб/са/

Фото: Кабинет на Ѓорѓе Иванов

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан