Доделени признанијата „Македонски квалитет 2023“
- Десет компании, кои се квалификуваа и ги исполнија условите, денеска преку нивните претставници го добија престижното признание „Македонски квалитет 2023“ кое традиционално го доделува Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) под покровителство на претседателот Стево Пендаровски, информираат од ССК.
Скопје, 20 декември 2023 (МИА) - Десет компании, кои се квалификуваа и ги исполнија условите, денеска преку нивните претставници го добија престижното признание „Македонски квалитет 2023“ кое традиционално го доделува Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) под покровителство на претседателот Стево Пендаровски, информираат од ССК.
Добитници на годинашните признанија се „Виталиа Никола и др“, „Винарија Милев“, „Бучен Козјак ДОО“, „Рикомак“, „Сигма СБ“, „Еуро Консалт Плус“, „Кав Комерц“, „Агриа - Агроиндустриска Групација Велес“, „Центар за очи – Визиа“ и „Билкилајф - центар за хербализам,туризам и одржлив развој“.
-Овие претпријатија не само што не отстапија од својата посветеност на квалитетот, туку креираа своја специфична препознатливост во својот сектор и придонесоа за повисок економски раст и промоција на нашата економија со нивната препознатливост да креираат квалитетни производи и услуги. Малите и средните претпријатија играат единствена, активна и круцијална улога во економскиот развој, иновациските процеси, технолошките достигнувања и подобрувањето на целокупниот амбиент, како и целокупното ниво на нашата економија. Тие на најдобар можен начин ја претставуваат енергијата на претприемачкиот дух и во суштина го стимулираат економскиот развој, истакнал Трајан Ангелоски, претседател на Сојузот на стопански комори на доделувањето на признанијата во „Вила Водно“.
Нагласил дека избраните компании докажале дека можат зацртаните и поставените цели да ги реализираат, со цел, како што посочил, постигнување на мисијата и дека со вградување на промени и дополнувања придонеле во одредувањето на идните насоки во развојот на бизнисот.
-Овој приоритет подразбира зголемување на продуктивноста, подигнување на конкурентноста на економијата, масивно вложување во иновациите и технолошкиот развој, за кои денеска избраните издвоени компании се веќе препознатливи на пазарот, посочил Ангелоски.
Оваа манифестација, како што посочуваат од ССК, се одржува секоја година во знак на оддавање признание и промовирање на деловните успеси на македонските претставници на национален бренд за тековната година.вј/бак/
Фото: ССК