• понеделник, 23 декември 2024

Директорот на Бирото за јавна безбедност Тасевски на Генерално собрание на СЕПКА во Белград

Директорот на Бирото за јавна безбедност Тасевски на Генерално собрание на СЕПКА во Белград

Скопје, 15 мај 2024 (МИА) - Директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски денеска ја предводеше делегацијата на Министерството за внатрешни работи на првото Генерално собрание во рамки на претседавањето на Србија со Асоцијацијата на шефови на полиција на Југоисточна Европа (СЕПКА) кое се одржа во Белград.

Како што информираат од МВР, во делегацијата биле и дополнителниот началник на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал Ветон Кранлиевски и националниот координатор за СЕПКА Марија Анчевска.

Во рамки на Генералното собрание, директорот Тасевски имаше обраќања во областа на борбата против трговија со луѓе и криумчарење мигранти и компјутерскиот криминал.

Како што посочуваат од МВР, во првото обраќање на тема борба против трговија со луѓе и криумчарење мигранти директорот Тасевски се осврнал на тековната состојба во регионот, новите трендови и понатамошната соработка во справувањето со овие видови криминал. Подвлекувајќи ја важноста од навремена и прецизна размена на оперативни информации, директорот Тасевски го најавил и одржувањето на симулациска вежба за размена на информации во реално време за трговија со луѓе и криумчарење мигранти долж Источно-медитеранската рута планирана да се одржи во Република Северна Македонија во третото тромесечје на годинава.

Во однос на ситуацијата со компјутерскиот криминал, Тасевски ја подвлекол важноста  од воспоставување заеднички или регионални работни групи или операции со кои значително би се олеснило спроведувањето на координирани истраги насочени кон криминалните мрежи активно во областа на компјутерскиот криминал.

Тасевски потенцирал дека неопходно е сите земји членки на СЕПКА да бидат подготвени и координирани за справување и одговор на сајбер инциденти и кризи, да обезбедат можности за тестирање на механизми за одговор, канали за комуникација и рамки за соработка во симулирана средина.

Како што посочуваат од МВР, посебна тема на дискусија на ова Генерално собрание на СЕПКА било формирањето и функционирањето на Мрежата на жени на асоцијацијата зашто, заклучија присутните директори на полициски служби, особено е важна меѓусебната поддршка и регионалниот пристап во  осигурувањето на зголемено учество на жените во полицијата, но и жените на лидерски позиции. фф/нд/

Фото: МВР

Остани поврзан