• петок, 22 ноември 2024

Директорот на Агенцијата за цивилно воздихополовство избран за потпретседател на Привремениот совет на „Еуроконтрол“

Директорот на Агенцијата за цивилно воздихополовство избран за потпретседател на Привремениот совет на „Еуроконтрол“

Скопје, 29 ноември 2023 (МИА) - Директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство Томислав Тунтев е избран за потпретседател на Привремениот совет на Еуроконтрол - Европска организација за навигација, управување и безбедност на воздушниот сообраќај.

Тунтев е избран на 60-тото редовно заседание на Привремениот совет, што се одржа вчера во седиштето на Еуроконтрол во Брисел. Неговата кандидатура беше предложена од страна на српскиот Директорат за цивилно воздухопловство, како резултат на одличната меѓусебна соработка на цивилните воздухопловни власти од државите во регионот.

Тунтев е едногласно избран од страна на сите присутни шефови на делегации - претставници од државите - членки на Еуроконтрол и има двегодишен мандат на оваа раководна функција.

- Изборот на Тунтев значи големо меѓународно признание за воздухопловно-транспортниот систем на Република Северна Македонија и за сите субјекти на македонската авиоиндустрија. Исто така, неговиот избор има големо значење и за останатите држави од регионот, затоа што тој е единствениот претставник од земјите на Југоисточна Европа во највисокото раководство на ЕУРОКОНТРОЛ, велат од Агенцијата за цивилно воздухопловство.

Привремениот совет го сочинуваат над 140 претставници од 41 држава - членка на Еуроконтрол и неколку придружни меѓународни институции и здруженија. Тоа е најголемото раководно тело, одговорно за имплементација на генералните политики на организацијата што ги утврдува Постојаната Комисија на Еуроконтрол, во која членуваат министрите за транспорт од државите - членки.

Еуроконтрол е најзначајната пан-европска цивилно-воена меѓународна организација, посветена на развојот и унапредувањето на воздухопловството во Европа. Во неа членуваат 41 држава од европскиот континент. Раководни тела се Привремениот совет и Постојаната Комисија, а извршно тело е Агенцијата. Основана е во 1963 година и оваа година прослави 60 години од формирањето. Северна Македонија е членка од 1989 година. лв/бак/

Фото: Агенција за цивилно воздухопловство

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан