• понеделник, 23 декември 2024

Директори на ФЗО и директор на сектор за контрола одговараа пред анкетната комисија за Онкологија

Директори на ФЗО и директор на сектор за контрола одговараа пред анкетната комисија за Онкологија

Скопје, 18 октомври 2023 (МИА) - Генерални директори на Фондот за здравствено осигурување и директор на сектор за контрола, вечерва одговараа на пратенички прашања на седницата на собраниската Анкетна комисија за скандалот на Клиниката за радиотерапија и онкологија.

Фатон Ахмети, генерален директор на Фондот за здравствено осигурување од октомври 2020 до август 2023 година, изјави дека Фондот е институција што ги дефинира буџетите на јавните здравствени установи.

- Процедурата за дефинирање буџети, на крајот на фискалната година подготвува план што ги содржи сите постапки, сите услуги, здравствени услуги на тие институции што планираат да ги вршат следната година. Во видот на здравствени услуги и колку услуги ќе се даваат во следната година и сето ова се разговара во рамки на средбите што се заеднички на директорите на Фондот за здравствено осигурување и тие институции. Завршната програма за целокупниот буџет што ние како Фонд го добиваме од Министерството за финансии, тој буџет го распределуваме во јавните здравствени установи. Затоа јас ќе ги поделам во две групи тие буџети. Вкупниот буџет на здравствената установа и условен буџет. Постапката и методологијата е иста. Значи, Фондот за здравство прави напори во рамки на ресурсите што ги има и врз основа на барањата на јавните здравствени установи, да се најде некаде во средина, да даде максимум од тоа што ние како Фонд, ги имаме на располагање тие финансиски средства, за да се поддржат овие институции и во давање помош за медикаменти за поголем број пациенти, појасни тој, одговарајќи на пратеничко прашање.

Што се однесува до набавка на лекови, како што рече тој, тоа е одговорност на клиниката, институцијата што ќе врши набавка на тие лекови, за разлика од Позитивната листа на лекови, таа набавка, како што додаде, се врши со земање претходна дозвола од Министерството за здравство и потоа од Фондот за здравствено осигурување.

Прашан како е можно според документацијата од Државниот завод за ревизија „никаде да нема документ на согласнот од Фондот, а тендерот да биде спроведен“, тој одговори дека Клиниката согласностите за набавка на лекови ги добивала во рамки на одредени временски дистанци.

- Во рамки на согласностите што Клиниката за радиотерапија и онкологија ги добила од Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување, тие се за набавка на лекови во рамки на одредени временски дистанци. Некогаш барале за набавка четири месеци, неколку случаи за годишни и така натаму. Во овој случај, врз основа на извештајот на Државниот завод за ревизија, се знае дека оваа согласност не е дадена и тие набавки, тие лекови се купени без согласност од ФЗО, одговори Ахмети.

Во периодот додека бил генерален директор на Фондот, имало неколку контроли во рамките на Клиниката за радиотерапија и онкологија.

- Се направи контрола во 2021 година, од причина на една поплака од едно лице обезбедено дека немало одредена терапија „фулвестрант“. Потоа, во 2022 година имавме контрола повторно, по претставка од едно лице, потоа имавме деталната контрола за условниот буџет за 2021 година, исто така и во рамките на оваа актуелна година, поради проблематиката се направени контроли по тримесечја, почнувајќи од првото, второто и третото тромесечје и сега некој од колегите може да ме коригира бидејќи актуелно не сум во Фондот, мислам дека и третото тромесечје треба да биде во фаза. Сѐ што ќе најдеме, се доставува до релевантните институции како Министерството за здравство, Министерството за финансии и Државниот завод за ревизија, посочи тој.

Ахмети кажа дека немаат надлежност да анализираат до краен детал, како еден лек се дава на пациент, дозата или количината, и рече оти тоа е во надлежност на самата клиника.

Тој истакна дека немал некаков притисок, ниту претстава или прикажување на интерес од веледрогерии или од институции и така натаму.

- Сме се труделе и сме функционирале во рамките на можностите со единствена цел да се овозможи што подобра услуга за граѓаните на нашата земја, подвлече Ахмети.

Магдалена Филиповска Грашковска, исто така се осврна на времето од кога ја извршува функцијата, првенствено шест месеци в.д. директор, потоа, како што појасни, назначена и како генерален директор.

- Во текот на 2022 година имаше анонимна претставка доставена до Фондот, беа дадени наводи дека за починато лице е препишана онколошка терапија. Иако беше анонимна претставката, колегите од секторот контрола, односно конкретно директорот на секторот контрола, веќе е во надлежност на секторските директори, ние како генерални директори не издаваме налози, не е важно кој, важно е дека контролите беа, се изврши контрола при што беше утврдено дека станувало збор за две лица со исто име, едното лице било починато 2014 година, а другото лице живо, коешто дошло да прими терапија. Ординаричкиот доктор ја препишал терапијата на пациентот којшто дошол во клиниката, меѓутоа било евидентирано во досието на починатото лице. Во моментот кога нашите контролори беа во контрола на Клиниката за онкологија, наидоа на службена белешка од докторот којшто самиот ја увидел претходно грешката и ја исправил целата таа ситуација на начин што направил промена, значи да таа издадена терапија се издава на вистинското лице коешто треба да ја прима, одговори таа на едно од прашањата.

Целата документација била доставена и до Јавното обвинителство и до Анкетната комисија и до Државниот завод за ревизија.

- Во 2023 година на Онкологија се направени три контроли, две се за фактурите за условен буџет во првото полугодие од годинава, една контрола е за целокупното работење на клиниката поврзано со биолошката терапија за првиот квартал, во тек е контролата за вториот квартал и набрзо потоа ќе следи и за третиот квартал, кога ќе заврши кварталот сам по себе. Тоа е завршено од страна на финансиските контролори. Од друга страна, контролите условно да ги наречам „медицински“, оние кои се по вокација доктори, а се вработени во Фондот, исто така имаа извршено оваа година обемна контрола, појасни таа.

Согласно Законот за здравствено осигурување, таа рече дека Фондот не е инспекциска служба, нема надлежност да врши инспекциски надзор, следствено на тоа, нема надлежност ниту да изрекува мандатни казни.

- Во однос на прашањето дали сме доставиле кривична пријава, би сакала нешто да прочитам. Од контролата извршена оваа година, 2023, во Клиниката за радиотерапија и онкологија, кога е вршена контрола на условниот буџет за 2021 година, констатирани се, ќе прочитам неколку неправилности. Несоодветна евиденција на издадени лекови во таблетарна форма, неевидентирана количина и период на апликација на издадената терапија во специјалистичките извештаи и натаму се редат други, рече таа.

Филиповска Грашковска исто така рече дека немала притисоци од никого на каква било тема.

Цвете Серафимоски, директор на сектор за контрола во ФЗОМ, пред членовите на Анкетната комисија рече оти смета дека е многу важно пресумпцијата на невиност да се почитува. Тој сака да се расчисти целосно сомнежот што е фрлен врз Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија, за да се види дали е основан сомнежот или не, дали има политичка или лична одговорност и така натаму.

- Бројот на доктори во Фондот за здравство е намален, дефинитивно, меѓутоа сметам тоа дека е поради трендот на зголемување на платите на медицинските лица во здравствената дејност, кои се вработени како доктори, па макар и доктори од примарна здравствена заштита како избрани лекари и платите што се даваат во Фондот за здравство, што во моментов, мислам дека се најниски во државата во јавните претпријатија. Така да, во моментов, во сектор контрола во централната служба на Фондот, има од петнаесетина контролори, од кои четворица се со медицински науки то ест доктори и тројца стоматолози. Информацијата дека има десет е погрешна, помалку се. Има и четворица внатрешни контролори и еден со овластување внатрешен контролор, вкупно петмина, иако треба да се трипати повеќе. Тоа е заедно со се раководителите на одделенијата коишто функционираат во секторот за контрола, рече Серафимоски.

Тој информираше дека и негови блиски се лекувале на Клиниката за радиотерапија и онкологија, а сега се лекувал и таткото на неговата сопруга од карцином на простата.

На барање на сектор контрола, како што рече одговарајќи на прашање, контрола била извршена заедно со сектор за фармација и со сектор за финансии, договорена со генералните директори кои исто така укажале потреба за контрола на Онкологија, а биле констатирани низа неправилности.

Тој, меѓу другите, ги наброја и немање евиденција на издадени, па вратени лекови во случај на промена на терапија или смрт на пациентот, рачно допишани дози на издадена терапија без евиденција на датум и количина на издадена терапија во специјалистички извештаи, двојно фактурирање на лек со пакет при подигање на терапија од роднина на лицето во име на лицето коешто ја прима терапијата.

Серафимоски, појасни дека верува оти лицето кое требало да ја прими терапијата ќе реагирало, ако таа завршела на друго место, затоа што кај него се работи за терапија што живот значи.

- За мене е незамисливо некој да зема онколошка или биолошка терапија за третман на карцином и да ја препродава на друго место, а да глуми дека има карцином. Мислам, навистина ми е несфатливо, меѓутоа истражните органи треба да утврдат дали има такво нешто, додаде Серафимоски.

Одлука за формирање Анкетна комисија беше донесена на 20 септември, откако по наводите во јавноста за злоупотреба на лекови на оваа клиника, Јавното обвинителство отвори предистражна постапка.

Наводите за злоупотреба на лекови на клиниката, предизвикаа реакции во јавноста и низа протести. бд/аа/

Фото: Принтскрин

Остани поврзан