• среда, 25 декември 2024

Дипломатскиот клуб го одбележа јубилејот 55 години од формирањето на македонската дипломатија и денот на МНР

Дипломатскиот клуб го одбележа јубилејот 55 години од формирањето на македонската дипломатија и денот на МНР

Скопје, 29 април 2024 (МИА) – Со засадување дрвце пред зградата на МНР и посета на Меморијалниот центар во Пелинце членовите на Дипломатскиот клуб го одбележа 29 Април – Денот на Министерството за надворешни работи на Северна Македонија и 55 годишнината од формирањето на македонската дипломатска служба.

-Садењето на дрво се смета за симбол на постојаноста на оваа служба и нејзиниот развој, а посетата на Пелинце е уште еден знак дека Република Македонија своите основи ги има во одлуките на заседанието на АСНОМ одржано на 2 август 1944 година во манастирот Прохор Пчински недалеку од Пелинце, стои во соопштението од Дипломатскиот клуб по повод вчера одржаните активности.

Темелите на македонската дипломатија  се удрени пред 55 години, со одлуката на Извршниот совет на Република Македонија донесена на 29 април 1969 година за формирање на Бирото за односи со странство.

-Во таа далечна 1969 година беше формирано Бирото за односи со странство како орган на тогашниот Извршен совет (Влада) на Република Македонија. Тогаш надворешната политика на југослобенската федерација генерално беше водена преку Белград. Меѓутоа републиките имаа можност и директно да учествуваат во креирањето и спроведувањето на југословенската надворешна политика. Тоа првенствено беше окопу политиката кон иселениците, кон националните малцинства во соседните земји и кон работниците на привремена работа во странство. Републиките имаа и некои можности за развој на соработка со одделни држави или со федералнои единки на тие држави, наведуваат од клубот на дипломати.

Република Македонија, се посочува, тоа го користеше интресирајќи се за македонското национално малцинство во соседните змји, потоа за македонските иселеници особено за оние во прекуокеанските земји и за школувањето на децата на Македонците во европските земји. Македонија беше соодветно застапена и со свои кадри во Сојузниот секретаријат за надворешни работи, а кадри од тогашниот Секретаријат за односи со странство беа упатувани во странство како југословенски дипломати.

-Оваа поставеност на тогашната југословенска дипломатија покажуваше дека и Македонија имаше можности да учествува во градењето и спроведувањето на сојузната надворешна политика. Тоа нѝ дава за право да тврдиме дека Република Македонија постоеше како државен ентитет во југолсовенста федерација и во доменот на надворешната политика, наведуват од Дилпматскиот клуб.

Дипломатскиот клуб е здружение на поранешни и сегашни дипломати кои се ангажирани своето дипломатско искуство да им го пренесат на младите дипломати. Клубот во мај ќе одбележи и 15 години од своето формирање и 10 години од издавањето на негото списание Дипломатски летопис.

Содржините на списанието Дипломатски летопис се достапни и за новинарите и за пошироката публика преку пишаното издание, но и преку веб страницата на Клубот. вг/нд/

Фото: Дипломатски клуб
 

 

 

Остани поврзан